Пронајдено второто лице што запали две кебапчилници во Скопска чаршија
МВР објави дека по повеќе од еден месец е фатен вториот пироман кој запали две кебапчилници и еден ресторан во Скопска чаршија кон крајот на август. Станува збор за полнолетно лице од Студеничани, з акого веќе е доредена мерка притвор од 30 дена.
Во подметнат пожар преку ноќ изгореа целосно два дуќани, а за тоа беше објавена и видео снимка во медиумите. На снимката се гледаше како две лица се доближуваат до еден од дуќаните и по неколку секунди избива силен пожар, најверојатно предизвикан од молотови коктели.
„Приведено и второто осомничено лице за предизвикување пожар во Старата скопска чаршија, определен притвор. По преземени мерки и активности, на 03.10.2023 во Скопје, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Б.А.(18) од с.Студеничани, скопско, кој беше баран по централен распис.
Тој се сомничи дека на 28.08.2023 околу 04.00 часот на ул.„Градиште“ во Стара чаршија во Скопје со малолетник од с.Моране, скопско, предизвикале пожар во угостителски објект. Малолетникот, претходно беше лишен од слобода, а во домовите на двајцата беа извршени претреси, при што во домот на малолетникот беа пронајдени предмети кои потекнуваат од кривичното дело“, информира полицијата.
Двајцата млади се товарат со кривични пријави за „тешки дела против општа сигурност" во врска со кривично дело „предизвикување општа опасност".
Слично
