ПРОНАЈДЕНИ 13 МОБИЛНИ ТЕЛЕФОНИ ВО КЕЛИЈА НА ОБВИНЕТ ЗА ПУЛС - судењето се одвива под засилени безбедносни мерки
Во затворот кај обвинетиот Џеваир Камбери од Министерството за економија за случајот „Пулс“ биле пронајдени 13 мобилни телефони и лаптоп, информираше судијката Диана Груевска Илиевска непосредно пред почетокот на денешното рочиште и го опомена обвинетиот.
Тој пак изјави дека ги пронашол телефоните кога стигнал таму.
- Ги пронајдов телефоните кога стигнав таму - изјави обвинетиот пред Судот.
Непосредно пред почетокот на денешното рочиште таа информираше и дека биле поднесени нови полномоштва за оштетени лица.
На денешното рочиште се очекува произнесување на вина и воведни зборови на одбраната.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки, со присуство на обвинетите, роднини на жртвите, обвинителството, одбраната и бројни новинари.
Обвинителството, застапувано од тим од 15 јавни обвинители, најави дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток, резултат на систематска негрижа и институционални пропусти.
На обвинителна клупа седнаа 37 обвинети – сопственици, управители, инспектори, поранешни градоначалници, обезбедување и државни службеници, меѓу кои и Џеваир Камбери, кај кого биле пронајдени телефоните.
Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и деца, а над 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната.
На минатото рочиште Судот ги прифати приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите, и информираше дека ќе им биде доставено, а следната закажана расправа се одложува за да имаат време да може да се запознаат со материјалите.
За да нема проблем на одолговлекување на постапката, Судот донесе одлука главната расправа да продолжи со изјаснување по однос на оштетени побарувања и на кривичен прогон на присутните оштетени и законските застапници на оштетените. Присутните законски застапници на општетените пред Судот изјавија дека се приклучуваат кон кривичен прогон и дека своите права и оштетно побарување ќе ги остваруваат во граѓанска постапка.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите, во судницата се присутни и роднини на настраданите во несреќата, претставници на обвинителството и на одбраната, домашни и странски новинари.
Судењето го води судијката Диана Груевска Илиевска, а обвинителството е застапувано од тим од 15 јавни обвинители.
Обвинителот Борче Јанев на првото рочиште за трагичниот пожар истакна дека се бара одговорност по име и презиме, а општеството мора да се соочи со болната вистина и да извлече легитимни одговори за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не спречил, бидејќи, како што рече, се бара правда не како утеха или одмазда, туку како последица на незаконитост. - Не е важно само кој го запалил огнот, важно е кој имал кофа вода и не ја истурил, рече Јанев, нагласувајќи дека катастрофата не е резултат само на пиротехниката, туку на години институционален молк, пропусти и недостиг од контрола кои го претвориле клубот во „смртоносна стапица“.
Обвинителот нагласи дека доказите ќе покажат оти клубот „Пулс“ бил смртоносна стапица уште од самиот почеток.
Трагедијата од 16 март 2025 година, според Обвинителството, е резултат на систематска негрижа и игнорирање на безбедносните закани: дискотеката функционирала без противпожарен систем, со затворени прозорци, лесно запаливи и токсични материјали и само еден излез за евакуација, додека во критичната вечер бил дозволен неконтролиран влез на над 600 гости, меѓу кои и деца по полноќ, без проверки за опасни средства. Настапот на групата ДНК бил претходно договорен со употреба на пиротехника, а вградените материјали – особено сунѓерот на плафонот – при согорување ослободиле смртоносни гасови, што во услови на недоволни излези довело до загуба на млади животи и катастрофални последици.
Фото: МИА