Промптно ВИ инженерство - Златна шанса или нова златна треска?
Новата
примена на генеративната вештачка интелигенција (ВИ) создаде нови профили кои
веќе може и добро да заработат. Особено во прв план се креативците, но и било
кој љубител на ВИ без потреба од претходно знаење или специфичен тренинг,
создавајќи содржини за маркетинг или забавни цели.
ВИ ќе турне многу професии во заборав и уште сега треба да се размислува како да се реформира образованието за да се одговори на потребите на пазарот на труд. Затоа, за овие теми разговараме со Емилија Ѓорѓевска, врвен професионалец, искусен софтвер инженер во областа на SEO и мастер студент на програмата за Интелигентни Системи 2024 на Факултетот за Информатички Науки и Компјутерско Инженерство (ФИНКИ) – Скопје,која живее и работи во Германија.
Според досегашните перформанси на генеративната вештачка интелигенција и правецот во кој ќе се развива како очекуваш да се одвива потребата од т.н. промпт инженери односно кадар со специфични вештини кои добро ги разбираат можностите на „големите јазични модели“ и преку совршено склопена команда да го добијат најдобриот можен резултат?
Ѓорѓевска: Морам да напоменам дека лично не се согласувам дека промптното инженерство е инженерство во класична смисла, иако се популаризираше под тоа име, бидејќи бариерата за влез е многу ниска и се базира на искуство и експериментирање, а не вистински инженеринг, но како и да е.
Очекувам дека промпт инженерите, со сигурност, ќе бидат потребни во наредните 2-5 години. Потребен ни е кадар со експертски вештини кој разбира како функционираат големите јазични модели и кои се нивните можности, за да може да креира барање (или познато како промпт или команда) за да добие најдобар одговор/резултат назад.
Генеративната вештачка интелигенција е моќна алатка, но во исто време и предизвик да се користи најефикасно и на најдобар можен начин, барем засега. Промпт инженерите може да бидат клучната врска помеѓу луѓето и генеративна ВИ, помагајќи им на луѓето да извлечат најмногу што може од оваа моќна технологија.
Како што наведе терминот промпт инженер се изнедри од „напливот“ на нови кадри во област, наметните од потребата за исползување на можностите на генеративната ВИ. Но, зошто токму вакви профили се важни во овој процес, а не да речеме обични корисници кои „рандом“ ќе креираат промптови и истите ќе ги пласираат на социјалните мрежи, без оглед дали бесплатно или платено?
Ѓорѓевска: Постојат неколку причини зошто моментално промпт инженерите се многу важни во целото ВИ искуство: Генеративните ВИ Модели се сѐ уште во развој. Промпт инженерите можат да го подобрат перформансот на тие модели преку развивање на нови и иновативни промптови/наредби.
Генеративните модели се тренирани на податоци кои рефлектираат предрасуди и пристрасност кон одредени групи на луѓе. Промпт инженерите се тие кои помагаат да се надминат или редуцираат овие проблеми преку дефинирање и развивање на промптови кои ќе го насочат јазичниот модел да продуцира фер и непристрасни резултати.
Генеративните ВИ модели се користат за различен вид на задачи. Промпт инженерите се новите креатори, кои преку нови креативни промптови ќе откријат како да ги искористиме големите јазични модели за нови и креативни цели и процеси. Од друга страна, она што го забележувам како тренд по читање на неколку истражувачки трудови на инженерите од DeepMind (Google), Microsoft Research и останати е:
● Со секоја наредна итерација (публикација), ВИ моделите стануваат значително подобри во разбирање на природен јазик. Како што ВИ моделите се подобруваат (а ова се случува експоненцијално со секоја наредна итерација), тие ќе станат способни да ги разберат корисничките барања без да има потреба од внимателно креирани, специјализирани промптови.
● ВИ моделите стануваат адаптибилни и разновидни. Новите ВИ модели се способни да учат брзо и уште побрзо да се адаптираат на нови задачи, особено после усвојувањето на мултимодални способности. Како резултат, со тек на време, ќе стане реалност (и нормала) овие модели да се толку напредни да воошто нема да биде потребно да се креираат специфични промптови за поквалитетен резултат. Во превод, големите јазични модели ќе бидат самокоригирачки.
ВИ моделите стануваат сè повеќе кориснички-ориентирани. ВИ инженерите работат на демократизирање на користењето на овие модели за луѓе кои воопшто немаат познавање од компјутерски науки и вештачка интелигенција.
Одредени продукти на пазарот веќе имаат и графички интерфејси кои ја симплифицираат работата со промптови, а дел од нив и се самокоригирачки. Тоа значи дека постои автоматски начин за подобрување на квалитетот на внесениот промпт. Поиграјте си со Bard, на пример, и ќе забележите дека вашиот промпт е оптимизиран откако ќе го внесете вашето барање до моделот.
Од овие причини, мојот заклучок е дека промпт инженерингот нема да бидесигурна професија во наредната декада или потоа. Постои фантастична книгана темава,The Coming Wave напишана од Мустафа Сулејман основачотна DeepMind, која топло јапрепорачувам.
Една од најголемите фами во јавноста поврзана со ВИ е дека ќе фрли во заборав голем број професии, вклучувајќи ги и голем дел од креативните индустрии. Колку оваа закана е реална и неизбежна?
Ѓорѓевска: Со вештачка интелигенција се занимавам од 2016 година и евангелизирам нејзина употреба веќе неколку години по ред. Тоа што го зборував, а беше очигледно според мојата процена е дека вештачката интелигенција демократизира професии, пристапност до информации и знаење како краен резултат.
Не сметам дека креативните индустрии се поединечно или специфично таргетирани, туку сите индустрии во целост и единствениот начин да се развие отпорност и сигурност во кариерата е да се придружиме на овој тренд, за да научиме кои се можностите, но и лимитациите на секој нов сет на ВИ модели. Тоа значи дека многу професии кои постојат сега ќе исчезнат, но ќе се појават и нови, со значително олеснета бариера да се прејде од една професија кон друга како резултат на оваа демократизација.
Ова е ера на креаторите и ние мораме да најдеме начин да ги охрабриме луѓето да не се плашат од вештачата интелигенција, туку напротив, да ја искористат како партнер во својата работа сега и во иднина. Она што несомнено ќе се случи се големи пресврти на општествено ниво и за да се осигураме дека новиве алатки ги користиме етички и со фокус на креаторите во прв план, потребни се легални регулации во европски и светски рамки.
Напишав детален преглед на темава на англиски за WordLift со коисоработувам како технички евангелист - со нив ги поминавме сите фази одработа со обични јазични модели, преку големи јазични модели, до ВИ агенти.Читнете.
Кога еден ученик од основно или средно училиште би те запрашал „каде да го продолжам“ образованието, што би го советувала, кои вештини и знаења ќе бидат највредни во оваа пост ВИ ера?
Ѓорѓевска: Што се однесува до советување на идните генерации студенти и ученици, би ги советувала да инвестираат во развивање на крос-функционални вештини. Тоа подразбира дека тие треба да разбираат музика, но и програмирање, и уметност, и други дисциплини, како и развивање на критичко мислење.
Колку и да е напредна ВИ во моментов или во иднина, секогаш ќе ни требаат луѓе на критични позиции, кои ќе можат да прават аналогии и шифтање од една област кон друга и поврзување на точките низ различни области во целиот тој процес. За почетници, во првите Х години, секогаш е подобро да бидете генералист, наместо специјалист.
Има фантастична книга на темава Range: How Generalists Triumph in a Specialized World, со практични примери и сценарија зошто оваа стратегија е отпорна и сигурна.
Некои аналитичари го нарекоа командното инжерство нова „златна треска“ која бргу ќе испари. Каков треба да биде пристапот кон новите ВИ од образовен аспект, колку има простор да се следи во чекор напредокот во однос на брзината со која се развива технологијата?
Ѓорѓевска: Без оглед на тоа колку долго ќе постои промптното инженерство, сметам дека негово брзо испарување е крајно песимистички поглед на работите. Зошто? Без оглед колку брзо за развива технологијата, ние секогаш ќе го имаме факторот адаптибилност и (behavior) change management (се извинувам за англицизмот, но во моментов не постои соодветен македонски еквивалент).
Промпт инженерингот сè уште се заснова на идејата дека фундаментално гледано, големите јазични модели можат да извршуваат подобро одредени задачи преку внимателно креирани промптови. И тоа е нешто што ќе биде тука со нас во наредните 2-5 години. Креативните промптови помагаат при креирањето на персонализирани искуства за учење за студентите. На пример, можеме да креираме цели персонализирани програми зависно од потребите на ученикот.
Тука е и факторот на интерактивно учење. Промпт инженерингот може да биде искористен да се генерираат интерактивни искуства за студентите, каде големиот јазичен модел од интерес презема улога на тутор. Дополнително, вие ќе можете да го промптирате моделот да креира интересни вежби на нов начин, бидејќи скалабилниот и крос-функционален пристап на креирање на содржина не бил достапен претходно. Можностите се неограничени.
Од моја гледна точка, сметам дека промпт инженерингот ќе биде вештина како copywriting - секогаш ќе има потреба од луѓе кои имаат чистина на мислата во она што сакаат да го постигнат со одредена алатка или технологија.
Мајка ми често во животот знаеше да каже дека разбран проблем е половина решен проблем. Особено изразено во нашата ИТ сфера, каде меките вештини сè уште заостануваат кај многу инженери. Разбирањето на промпт инженеринг и како функционира еден голем јазичен модел треба да биде задолжителен материјал во секој модерен курикулум. Студентите треба да научат да навигираат низ етичките предизвици, да се справат со импликациите и да ги усовршат нивните вештини за критичко размислување во текот на развојот на овие технологии.
ВИ и досега навлегуваше, а со нејзиното демократизирање уште повеќе ќе навлезе во сите пори од нашето општество. Како резултат на овој нејзин прогрес, несомнено е дека ќе ни бидат потребни ВИ инженери и промпт инженери. Притоа, ние како водилки на следните генерации на ВИ лидери треба да се погрижиме тие да ги научат не само техничките, туку и етичките аспекти кои ја опкружуваат вештачката интелигенција. Скандалот со Cambridge Analytica ни служи како силен пример за тоа како ВИ, кога се користи без етички ограничувања, може да ја загрози приватноста и да манипулира со мнението на масите. Особено во ера на генеративна вештачка интелигенција - треба да бидеме навистина спремни за тоа што е пред нас.
Конечно, наративот околу промпт инженерингот како новата златна треска може да биде преголемо симплифицирање. Наместо да го одбегнуваме, треба да го набљудуваме и восприемиме како индикатор за поширока промена и потреба од детална ВИ едукација. Едукацијата е компасот во неоткриените територии на ВИ, кој ни овозможува да ја користиме ВИ безбедно и одговорно. За промена, ајде да ја прифатиме магијата на вештачката интелигенција, да ги опремиме нашите волшебници со знаење и да креираме свет во кој технологијата и општеството ќе коегзистираат во хармонија.
Што вели досега твоето искуство од употребата на генеративните ВИ алатки, како најдобро да се користат и како да ја поттикнат креативноста, способноста за решавање проблеми, претприемништвото и иновативноста кај професионалците и љубопитните?
Ѓорѓевска: Големите јазични модели не се доволно зрели за да бидат употребени без размислување и контрола на квалитет, бидејќи во голем број ситуации халуцинираат, односно вешто и убедливо измислуваат работи кои не се фактички точни. Една од причините е тоа што не се поврзани со графови на знаење кои би го редуцирале овој проблем, но трендовите во последниот месец од моментов на правење на интервјуто е дека нештата се движат во таа насока ([graph] retrieval augmented generation).
Впрочем, ова ќе биде и предмет на мојата магистерска теза и трудови кои ги работам во рамките на моите постдипломски студии на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство - ФИНКИ.
Засега, единствениот безбеден начин е да се употребуваат со додатни повици кон екстерни АПИ-ја и комплементарни алатки за податочни анализи и ограничено користење за генерирање содржина, најчесто во форма на инспирација за елаборирање на одредени теми.
Јас работам како технички автор за ВИ компанија и еве неколку примери како ние ја користиме генеративната вештачка интелигенција и промптови:
● Тренирање на генеративна ВИ на наши податоци, како текст, во комбинација со графови на знаење, за да креираме паметни ВИ агенти кои се способни да четуваат и решаваат проблеми како техничка поддршка, консалтинг и продажба.
● Тренирање на ВИ на наши податоци, како слики, со цел да го олесниме креативниот процес на создавање на нашите графички дизајнери за дизајните креирани за потребите на фирмата. Тоа значи, дека пред да го креира финалниот графички продукт, дизајнерот има неколку драфт верзии генерирани од ВИ модел, кои потоа дизајнерот ги коригира, збогатува и оптимизира за да се добие перфектно крајно графичко решение.
● Креирање на помали алатки за внатрешна употреба, кои ја зголемуваат продуктивноста на нашите вработени, со што се олеснува процесот на истражување и разбирање на одредени теми или технички концепти, особено кога со нив се сретнувате за првпат.
Резултатите досега се неверојатни!
