Промовирана книгата „Фудбалски хулиганизам“ - Може ли да се превенира?
Во Кавадарци денеска беше промовирана книгата Фудбалски хулиганизам на универзитетските професори Иван Анастасовски и Лазар Нанев. Промотори на ова дело беа професорките Ленче Алексовска Величковска, деканка на Факултетот за физичка култура и Татјана Стојаноска Иванов од Институтот за социологија, Филозофски факултет при УКИМ Скопје.

Во книгата „Фудбалски хулиганизам“ е опфатена историјата на хулиганизмот, но се нуди и превенција на оваа девијантна покава.
Хулиганизмот е многу често споменувана појава кај нас, но откако ќе се случи, порача професорката Алексовска Величковска, една од промоторките на книгата. Книгата според нејзе ги учи младите како да се радуават на победа, но и како да прифатат и признаат пораз.

„Ова е едно големо дело кое носи многу пораки - подобро да имаме превенција на хулиганизмот, оти кога ќе се случи е многу тешко за превенирање“, изјави Алексовска Величковска.
За професорката од Институтот за социологија Татјана Стојаноска Иванова книгата „Фудбалски хулиганизам“ е пионерски обид и на самите автори - дело кое дефинитивно ќе остави белег.

„Оваа книга ќе биде поттик и за сите други научници да продолжат понатаму да создаваат вакви дела. Крајната цел е превенцијата на хулиганизмот. Штом девијациите се на пиедесталот во една држава, тогаш тоа значи дека општеството не ни е многу добро. Здраво и квалитетно општесство е она кое има се помалку девијации“, потенцираше Стојаноска Иванова при промовирањето на книгата.
Авторите на делото Фудбалски хулиганизам професорите Иван Анастасовски и Лазар Нанев порачаа дека е неопходна превенција на хулиганизмот и во земјава.
„Работиме на оваа проблематика долго време. Јас би бил многу среќен ако еден ден се најдеме на некој фудбалски натпревар каде што ние ќе бидеме публиката која ќе бодри два тима. Пораката е - да ги потиснеме тие кои доаѓаат да му штетат на спортот, тоа треба да успееме да го направиме, изјави проф. д-р Иван Анастасовски, еден од авторите на книгата
Како во Македонија во овој момент да се справиме со хулиганизмот?, праша професорот Лазар Нанаев, исто така автор на делото Фудбалски хулиганизам.
„Македонија е рангирана на висока позиција по оваа лоша појава, според истражувањата. Се надевам дека книгата ќе помогне во идентификување на појавите, но и во делот на превенцијата“, потенцираше проф. д-р Лазар Нанев, еден од авторите на книгата.
Р.Ф
