ПРОМЕНИ ВО ЗАКОНОТ ЗА ФИНАНСИСКИ ЛИЗИНГ - СЕ „СТЕГА ОБРАЧОТ“: предвидени казни и до 50.000 евра
Финансискиот лизинг во Македонија ќе се доуредува со законските измени кои веќе се во собранието. Според предлагачите, со ова треба да се постави посовремена и построга правна рамка за основање, работење и надзор над давателите на финансиски лизинг.
Според образложението на Предлог-законот, постојниот Закон за лизинг повеќе не одговара целосно на состојбите на пазарот и на потребите на компаниите, особено на малите и средните претпријатија, кои лизингот можат да го користат како алтернативен извор на финансирање.
Со новото законско решение се предвидуваат појасни правила за тоа кој може да основа и да управува со друштво за финансиски лизинг, како и построги критериуми за репутација и соодветност на основачите и членовите на органите на управување. Овие критериуми се воведуваат и поради препораките на MONEYVAL Комитетот при Советот на Европа во делот на спречување перење пари и финансирање тероризам.
- Согласно Реформската агенда беше предвидено спроведување на анализа на тековната употреба на лизингот од страна на малите и средните претпријатија, како и анализа на постојната законска рамка со цел идентификување на пречките за поширока примена на лизингот како алтернативен инструмент за финансирање. Врз основа на резултатите од спроведените анализи беше утврдена потреба од унапредување на законската рамка со цел поттикнување на користењето на лизингот како извор на финансирање, особено за малите и средните претпријатија, како и создавање поповолни услови за развој на пазарот на лизинг - се нагласува во предлог законот доставен во Собранието.
Целта е да се зајакне интегритетот на субјектите кои вршат финансиски лизинг, но и да се зголеми правната сигурност за корисниците на лизинг и за сите учесници на пазарот.
Предлог-законот предвидува и зајакнување на надзорот од страна на Министерството за финансии, воспоставување регистри, уредување на правата и обврските од договорите за финансиски лизинг, како и прекршочни одредби и санкции за давателите на финансиски лизинг.
Највисоката глоба е предвидена за давател на финансиски лизинг кој, во рок од 30 дена од одземањето на дозволата, нема да започне постапка за ликвидација или нема да поднесе предлог за отворање стечајна постапка до надлежниот суд, а за тоа нема да го извести Министерството за финансии во рок од три дена. За ваков прекршок е предвидена глоба од 40.000 до 50.000 евра во денарска противвредност.
Глоби од 16.000 до 20.000 евра се предвидуваат за давател на финансиски лизинг кој врши активности што не смее да ги врши, ако најмалку еден од членовите на органот на управување нема постојан работен однос во друштвото, ако не поднесе пријава за упис во трговскиот регистар во законските рокови, ако изврши статусна промена без дозвола од Министерството за финансии или ако го користи предметот на лизинг како залог без согласност од корисникот.
Иста глоба е предвидена и ако друштвото не го води сметководството и не ги изготвува финансиските извештаи согласно законот, ако не достави финансиски извештај и ревизорски извештај до Министерството за финансии во законскиот рок или ако при надзор не ја стави на увид целокупната документација.
За овие прекршоци, покрај глобата за друштвото, предвидена е и глоба од 2.000 евра во денарска противвредност за одговорното лице кај давателот на финансиски лизинг.
Со Предлог-законот се предвидуваат и глоби од 8.000 до 10.000 евра за давател на финансиски лизинг кој нема навреме да го извести Министерството за финансии за одредени законски случаи, ако договорот за финансиски лизинг не е во согласност со законот, ако корисникот не биде известен за обврските што произлегуваат од договорот за продажба или ако друштвото постапи спротивно на одредбите за предвремена отплата на договорот.
За прекршоците утврдени со законот, прекршочна постапка ќе води и санкција ќе изрекува надлежен суд. При констатирање на прекршок, овластеното лице е должно најпрво да му предложи на сторителот постапка за порамнување со издавање прекршочен платен налог, согласно Законот за прекршоците.
П.О.