ПРОМЕНИ ВО НАДЗОРНИОТ ОДБОР НА УНИ БАНКА - еве кои се идните членови
На следното Собрание на Универзална инвестициона банка АД Скопје, закажано за 9 март 2026 година, се очекува да бидат избрани нови лица за Надзорниот одбор на Банката.
Имено, на Собранието се очекува акционерите да ги разгледуваат предлог-одлуки за промени во составот на Надзорниот одбор на Банката.
Согласно доставените материјали за Собранието, објавени на Македонска берза се предлага именување на нови членови на Надзорниот одбор на УНИ Банка АД Скопје.
Со еден од предлог-одлуките се предвидува Николај Бебов да биде именуван за независен член на Надзорниот одбор на Банката, со мандат од четири години, сметано од денот на добивање претходна согласност од Народната банка на Република Северна Македонија.
Истовремено, на дневен ред е и предлог-одлука за именување на Антонио Валентинов Дичев за член на Надзорниот одбор на Банката, исто така со мандат од четири години и под услов на добивање регулаторна согласност од Народната банка.
Во предлог-одлуките се наведува дека именуваните членови ќе ги остваруваат своите права и обврски согласно Законот за банки, Статутот и другите интерни акти на Банката, а Управниот одбор ќе биде овластен да ги преземе сите потребни правни дејствија пред Народната банка и Централниот регистар.
Доколку бидат усвоени од страна на Собранието и одобрени од регулаторот, одлуките ќе стапат во сила по добивањето согласност од Извршниот одбор на Народната банка на РСМ.
Валентинов Дичев и Бебов ќе имаат мандат од четири години, сметано од денот на добивање на претходна согласност од Народната банка.
Бебов е магистер по право на Универзитетот „Колумбија“ во Њујорк, додека основните правни студии ги завршил на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“.
Тој е ко-основач и партнер во реномираната правна групација за финансиски услуги „Tsvetkova Bebov & Partners“ и важи за еден од водечките експерти во Бугарија во областа на банкарското и финансиското право, како и пазарите на капитал.
Бебов бил ангажиран како експерт и ко-раководител во повеќе значајни проекти во Северна Македонија, меѓу кои: Проект за законодавство за нетирање и финансиски колатерал, поддржан од ЕБОР Проект за усогласување на законодавството за пазарите на капитал Тој има богато искуство во трансакции на пазарите на долгови и акции, IPO, листинзи, корпоративно управување, банкарско кредитирање, проектно и аквизициско финансирање, како и во регулаторни прашања поврзани со CRR, CRD и BRRD, вклучително и теми од областа на банкарската стабилност, резолуција и управување со ризици.
Валентинов Дичев е доктор на науки по финансии на Академијата за економија „Д.А. Ценов“ во Свиштов, Бугарија, со докторска дисертација на тема „Проценка на финансиски ризик преку машинско учење“.
Професионалната кариера ја започнал во Фибанк, каде напредувал од аналитичар до раководител на одделение за статистички анализи и модели, а потоа и заменик-директор на секторот за управување со ризици и член на АЛКО, позиција која ја извршува и денес.
