Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОИЗВОДСТВОТО ВО МАКСТИЛ ПАДНАЛО ЗА 8 %, НО ГОДИНАТА ЈА ЗАВРШИЈА СО ДОБИВКА: еве на што се должат позитивните резултати

ПРОИЗВОДСТВОТО ВО МАКСТИЛ ПАДНАЛО ЗА 8 %, НО ГОДИНАТА ЈА ЗАВРШИЈА СО ДОБИВКА:  еве на што се должат позитивните резултати

Намалено производство, но зголемена добивка. Вака во најкратки црти може да се окарактеризира минатата година за компанијата Макстил.

Како што објави гигантот за челик, добивката пред оданочување во 2025 година е 509 милиони денари и е повисока од остварената во 2024 година, додека нето добивката изнесува 447 милиони денари, и е повисока од остварената во минатата година.

- Зголемувањето на нето добивката се должи на признавањето како приход на солидарниот данок, кој беше исплатен во текот 2023 година– се посочува во извештајот објавен на Македонска берза.

Од Макстил укажуваат дека минатата година може да се окарактеризира како година исполнета со предизвици за глобалната побарувачка на челик, главно како резултат на притисокот од зголемените трошоци за производство, ескалацијата на трговските тензии кои извршија директно, негативно влијание врз побарувачката за челик и императивите за декарбонизација.

-  Оствареното производство на дебели лимови во текот на 2025 во производниот погон Валавница изнесува 267,036 т. што споредено со 291.476т. во истиот период на 2024 претставува намалување од 8 отсто, додека во однос на поставениот производен план за 2025 година (286.440т.) претставува намалување од 7 проценти. Намаленото производство на лимови воглавно се должи на честите прекини на водоснабдувањето и електричната енергија во погонот, како и продолженото времетраење на годишните ремонтни активности во погонот. Оствареното производство на челичанските слабови во извештајниот период е 258.825т. што споредено со 305.221т. во 2024 претставува намалување од 15%, додека во однос на планираното производство за 2025 годината (248.000т.) претставува зголемување од 4отсто – се посочува во извештајот.

Притоа е нагласено дека се остварени приходи од работење во износ од 8,12 милијарди денари, од кои приходите од продажби како носечка ставка во структурата на вкупните приходи и учествуваат со дури 95 отсто. Споредено со 2024 остварените приходи од работењетосе пониски за 4 проценти.

-  Во 2025 бележиме намалување на остварените приходи од продажба, што се должи на намалената реализација на лимови во споредба со претходната година. 

Во овој период компанијата нема извршена исплата на дивиденди по акција заради пренесени загуби од претходниот период– се посочува во објавата.

Во однос на очекувањата, од компанијата нагласуваат оти почетокот на 2026 наметна неколку ограничувачки фактори, како намалување на квотите за увоз на лимови во ЕУ, јаглеродниот надоместок и проблемите со камионските превозници за престој во Шенген зоната.

-  Најновите настани на Блискиот Исток влијаат на зголемување на цената на нафтата и природниот гас, ограничувања на поморскиот транспорт, кои ќе внесат неизвесност во однос на движењата на цените на лимовите и ќе влијаат на побарувачката во земјите на Европската Унија.  Како проблем и понатаму останува железничкиот транспорт, бидејќи единствената линија Табановце – Гевгелија и понатаму работи со намален капацитет заради честите застои. Учеството на лимови за вагонски транспорт е се поголемо, а покрај традиционалните дестинации во Солун и Лом, се активираат и алтернативни дестинации. Од овие причини стратегијата за 2026 година и понатаму ќе биде базирана на производство на сопствени слабови од старо железо во Челичарница и производство на околу 300.000т. лимови во Валавница. Се очекува зголемување на цената на лимовите, а влијанието на конфликтот на Блискиот Исток на стопанските текови во ЕУ ќе треба внимателно да се следи заради можна подготовка на против мерки за справување со евентуалните негативни влијанија– се укажува во извештајот.

П.О.

Слично

Поврзани вести