Прогласена епидемија на морбили во скопска населба
Епидемија на морбили е прогласена во скопската населба Радишани во општина Бутел, објави Министерството за здравство.
Ваквата одлука следи откако биле регистрирани пет заболени деца од предучилишна возраст, како и еден возрасен маж.
Три деца биле сместени на лекување во Клиниката за инзфективни болести, а две се на домашно лекување. Сите биле невакцинирани.
Министерот за здравство Венко Филипче упати апел до родителите редовно да ги вакцинираат децата и превентивно да ги заштитат, а ќе се изготви и нов закон со кој ќе биде засилена контролата при уписот во градинките и училиштата.
Од ресорното Министерство информираат дека во Скопје, опфатот на вакцинирани е 78 отсто за минатата година, а треба да биде над 95 проценти, додека во 2016 година, кога се родени децата кои сега се заразени со морбили, бил само 67 проценти.
