Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОФИЛ КИРЕ НАУМОВ: Разузнавач, советник на Црвенковски, критичар на јавниот долг, иден заменик министер во економија

ПРОФИЛ КИРЕ НАУМОВ: Разузнавач, советник на Црвенковски, критичар на јавниот долг, иден заменик министер во економија

Прв разузнавач од 2006 до 2007, поранешен советник на Бранко Црвенковски, економски експерт кој 20 години се занимава со проблематиката за јавниот долг.

Кире Наумов најверојатно ќе седне во заменичката фотелја во министерството за економија. Ова станува јасно од списокот кој премиерот синоќа по полноќ го испратил до претседателот на Собранието Талат Џафери, а замениците министри ќе се именуваат денес.

Кој е Кире Наумов?

Кире Наумов е роден на 10.01.1971 година. Во 1995 дипломирал на Економскиот факултет, а во 1998 завршил Постдипломски студии на Економскиот факултет, Белград, Србија. Од 1996 – 1997 година е Асистент во финансирањето и контрола на секторот во Агенцијата за трансформација на јавните претпријатија, со општествен капитал, а од 1997 е асистент на Економскиот факултет. Од март 2003 - април 2004 година е економски советник на премиерот на Република Македонија, од мај 2004 е економски советник на претседателот на РМ. 

На 21 јули 2006 година Наумов беше назначен за директор на Агенцијата за разузнавање а веќе на 29 август 2007 беше разрешен по негово барање.

Тогаш, Наумов образложи дека се повлекува од разузнавачката функција од лични причини, односно „обврски околу негово понатамошно научно доусовршување и преземање некои идни работни ангажмани кои се неспојливи со вршењето на функцијата директор на Агенцијата за разузнавање“. 

Заговорник на промени во СДСМ

Откако Бранко Црвенковски најави дека се повлекува од СДСМ во 2013, меѓу кандидатите за негов наследник тогаш се јави и името на Кире Наумов.

Тој бараше промени во партијата за промени во државата.

„Од СДСМ досега произлегле повеќе партии и нивниот успех сите можеме да го видиме. Она што е многу пореално да се случи, доколку не се случат сериозни промени во СДСМ е појава на повеќе партии, кои нема да произлезат од СДСМ, но кои со сигурност ќе ја застапуваат левичарската идеологија и со тоа засилено ќе го освојуваат опозицискиот простор на политичката сцена во Македонија.

За да се постигнат промени во државата, неопходно е СДСМ да понди друг концепт, бидејќи досегашната политика не дала резултати. Еден од моделите е Влада во сенка“, сметаше Наумов во тој период.

Наумов тогаш образложувајќи ја кандидатурата тврдеше дека никој не стои зад него, туку одлуката била само негова, дека има поддршка од многу членови, и побара  поддршка од буквално сите членови: новите, ветераните, избрканите, но и се разбира, неутралните, граѓаните.

Сепак, лидерското место му припадна на  Заев .

Силен критичар на власта на Груевски и економијата која ја водеше ВМРО ДПМНЕ

Наумов често излегуваше во јавноста со критики за јавниот долг и финансиското менаџирање, нетранспарентното работење и трошење на државните пари. Тој со оваа проблематика според биографијата доставена во Собрание се занимава речиси 20 години.

СДСМ во техничката влада го постави за дополнителен заменик министер во министерството за финансии.

Лани испрати писмо до водечките светски медиуми специјализирани за бизнис, како што се Блумберг, Форбс, Томсон Ројтерс, СиЕнЕн, БиБИСи… и водечките банки заинтересирани да инвестираат во еврообрзницата, со предупредување дека издавањето на еврообврзницата не е законско и треба да бидат внимателни при купувањето.

За себе во биографијата вели дека е човек кој сака доживотно да учи. Ужива да чита теми поврзани со јавната политика и индикатори на економскот развој.

Слично

Поврзани вести