ПРОФЕСОРОТ ТРАЈКОВСКИ СО НОВИ ПРОГНОЗИРАНИ БРОЈКИ: Годината во Македонија ќе заврши со 83.000 дијагностицирани граѓани со Ковид-19
Професорот по
теоретска механика, врз основа на последниот извештај од Институтот за јавно
здравје, направи нови пресметки за епидемиолошката слика во Македонија. Според
неговата симулација, на последниот ден од 2020 година, вкупниот број на
дијагностицирани со корона вирусот ќе биде од 81.000 до 85.000, односно
средната бројка би била 83.000 граѓани. Бројот на активни случаи би бил 14.000
Во неговиот последен пост на Фејсбук пишува детално за овие пресметки:
Како што кажавме вчера, преполовениот број на тестирања во државниот ИЈЗ носеше ниски бројки на дијагностицирани во изминатите денови. Денес, кога ИЈЗ се врати во игра (но колку долго ќе трае тоа, дали само два од седум дена во неделата), веднаш се вративме на старите дневни бројки на новодијагностицирани, но што е уште полошо и на високата стапка на позитивни тестови. Денешната стапка на позитивни тестови изнесува 39,45%, а седумдневниот просек е 36,02% (сината и црвената линија на дијаграмот на втората слика).
Се разбира, ова не можеше да помине без реско покачување и на ефективниот репродукционен број Rt, чија седумдневна просечна вредност повторно се враќа кон единица (Rt = 0,98 ± 0,31). Ова беше сосема очекувано. Дури и стравот кај населението да имал определен краткотраен ефект, после извесен временски период на стабилизација Rt секогаш се стреми да се врати блиску до единица, како што велат и симулациите со помош на диференцијалните равенки на динамиката на епидемијата. Останува да видиме во наредните десетина дена околу која вредност ќе продолжи да осцилира Rt, од што ќе зависат сите прогнози за наредниот период.
Освен преку репродукциониот број, факторите на растот на дневните броеви на нови случаи, после неколку дена поминати под единица, исто така се враќаат на единица (на дијаграмот на третата слика), што е индикатор на стабилен раст (без забрзување, но исто така и мало забавување).
Деновиве забележуваме уште една неповолна тенденција, а тоа е активните случаи повторно да се трупаат, како летоска, односно наместо да се затвораат после 18-19 дена, моментално се затвораат дури после 22 дена (на дијаграмот на четвртата слика). Во летото ја знаевме причината за таа појава, а тоа беше неможноста да се извршат доволно контролни тестирања за затворање на случаите. Откако се премина на новиот алгоритам, активните случаи автоматски да се затвораат после 18-19 дена без контролни тестирања, состојбата извесно време беше стабилизирана. Но, последниве денови гледаме дека нема кој да ги затвори многубројните отворени случаите дури ни без тестирање. Така веќе имаме околу 2.500 прекубројни активни случаи, што значи дека вистинската бројка не треба да изнесува 21.728 (нов рекорд!) туку некаде околу 19.500.
Од друга страна, бројот на хоспитализирани се устали на околу 1.300-1.400, што значи дека нема опасност од преполнување на болниците со сегашните капацитети. Сепак, стапката на хоспитализираност (соодносот на бројот на хоспитализирани и бројот на активни случаи) сé уште е рекордно низок, одвај 6,36% (далеку пониско од просекот во јуни и јули, кога изнесуваше околу 12%), што значи дека моментално се хоспитализираат само тешките случаи. Ова впрочем го слушаме и од болничките извештаи, кои кажуваат дека моментално преку 80% од хоспитализираните се тешко и многу тешко болни и/или на кислородна поддршка. Од нив околу 10% се сериозно и критично болни. Потрошувачката на кислород во болниците исто така е на рекордно високо ниво, што претставува уште една потврда дека мнозинството пациенти се во тешка состојба. Дури, се забележува извесен пораст и на стапката на леталитет, чија седумдневна просечна вредност моментално изнесува околу 2,91%, што претставува зголемување во однос на минимумот од пред дваесетина дена кога изнесуваше околу 2,6%.
Со последниве бројки да ги видиме прогнозираните вредности за карактеристичните броеви на епидемијата за ден 31.12.2020, добиени со симулација во најдоброто сценарио (Rt=0,90), најлошото (?) сценарио (Rt=0,97), како и за некое средно, најреално сценарио (Rt=0,935) (на дијаграмот на петтата слика):
Вкупен број на дијагностицирани: 81-85.000 (средно 83.000)
Број на активни случаи: 12-16.000 (средно 14.000);
Број на хоспитализирани: 770-1.030 (средно 900).
Како што гледаме, најголемо намалување ќе забележиме кај бројот на активните случаи, додека вкупниот број на случаи, како и вкупниот број на починати, иако ќе подзабават со темпото, со голо око тоа одвај ќе биде забележливо.
Сосема за крај, Македонија денеска се најде на седмата позиција на светската ранг листа според вкупниот број на починати од почетокот на епидемијата до денес, сметано на милион жители.
