ПРОФЕСОРКАТА АСТЕРУД ЗА ЗАКЛЕТВАТА ВО КОЈА ДАВКОВА КОРИСТЕШЕ МАКЕДОНИЈА: “Да бев на нејзино место ќе изговорев како што е, таа сакаше да стави мевлем на раната„
Професорката Каролина Ристова Астеруд, на фејсбук објави честитка за претседателката Гордана Силјановска Давкова.
„Прекрасен ден за македонската (женска) политичка историја! Да ни биде успешна Претседателката, за успехот на Македонија!“, напиша таа на фејсбук.
Запрашана во коментари за тоа што мисли за тоа што претседателката Давкова не го искористи името Северна Македонија, туку само Македонија, Астеруд излезе со образложение.
„Да бев јас на нејзино место, јас ќе го изговорев како што е, и како е потпишано во писмената изјава, тоа што е со правно-декларативна консеквентност.
Не треба да се заборави дека заклетвата од правен аспект е декларативен чин, но сепак постои и се практикува како правна и политичка традиција, заради нејзината морална суштина и симболика, секако, наспрема граѓанството, но најмногу како внатрешен морален чин на индивидуата која ја дава заклетвата.
За да ви ја доловам оваа последна поента, ќе ви илустрирам со тоа што ќе ви укажам дека во споредбеното право и политика, неретко кога индивидуи треба да се заколнат политички, а дури и во далеку построг правен контекст (на пример, дека ќе сведочи вистина во суд, во парламентарни истраги, под закана за гонење за лажна изјава, за попречување на правдата, и сл.), неретко им е дозволено сами да го бираат “вишиот суд” т.е кој им е “судот на нивната совест” од морален аспект, а пред кој тие ќе се заколнуваат, па, на пример, атеисти и најконсеквентни секуларисти го користат уставот, верници користат верска книга (вклучително и во секуларни земји, без никакви импликации за секуларниот уставно-правен поредок), на кои ставаат рака, некои ставаат рака на срцето, за некои само присуство на членови на најтесното семејство им е доволно за осведочување на заклетвата (се заколнав пред очите и ушите на моите деца, не смеам да ги изрезилам), и сл.
Е сега , со оглед на тоа дека целата работа и договор за промена на уставното име е навистина болна и контроверзна работа за огромен дел од граѓанството, особено и заради начинот како се истера и се тера на домашен терен(сосе и од аспект на устав и закони), дополнителна сол на раната, нешто за што сите сме свесни, мислам дека новоизбраната претседателка сакала да стави некаков симболичен мевлем на раната, и на својата, и на другите, колку и да е само во еден катарзичен момент од морален аспект, како и свечен чин, или токму заради тоа.
Од правен аспект неа и е јасно дека меѓународните договори мора да се почитуваат, ни помалку, но ниту повеќе од тоа што налагаат, секако, се додека важат. Сосема друго се политички проекти за да се сменат или раскинат, тоа е правно легитимно, но, секако, сосема друго е дали тоа е политички опортуно и корисно за Македонија во овој момент, за што очигледно сите може да имаме различни мислења.
