Професори од Институтот за македонски јазик му пишаа на Заев за Предлог-законот за употреба на јазиците
Професорите Симона Груевска-Маџоска и Александра Ѓуркова, вработени во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, до Кабинетот на премиерот Зоран Заев, до Генералниот секретаријат на Владата и до Собранието испратија приговор кон Предлог-законот за употреба на јазиците.
Велат сакаат да го свртат вниманието од стручен аспект кон неколку точки во Предлог-законот коишто според нив се правно и суштински штетни за јазичната политика и за државните интереси на Република Македонија.
„На почеток, мора да го повториме повеќекратно искажаниот став дека мора да се надмине терминолошката мешаница којашто се јавува во законите што ја третираат оваа материја – официјален јазик, службен јазик, јазик во службена употреба. Мора да се назначи дека на целата територија на Република Македонија, како и во меѓународните односи, според Уставот на РМ, како и според Охридскиот рамковен договор, е официјален само и единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, што произлегува од унитарното уредување на нашата држава, а другите јазици можат да бидат во службена употреба во законски предвидените случаи. Таква е јазичната политика во светот – повеќе официјални јазици има во држави во кои има повеќе автономни делови, а Република Македонија нема такво уредување. Проблематичен е и самиот наслов на Предлог-законот, со којшто, всушност, се имплицира дека македонскиот јазик е само еден од јазиците во РМ. Натаму, со наведувањето само на албанскиот јазик во загради во ставот 2 од членот (1), пак, во позадина се создава впечатокот дека во РМ треба да бидат и(ли) се во употреба единствено македонскиот и албанскиот јазик. На ваков начин се создава дискриминација кон другите граѓани кои, како што е наведено во амандманот IV од Уставот на РМ (Службен весник на РМ, бр.91, год. LVII, 20.11.2001), се „дел од турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и други“, кои живеат и се државјани на РМ. Предлагаме, заради расчистување на овие дилеми и заради избегнување на двојство во толкувањето, Предлог-законот да го носи називот Закон за јазиците што ги зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ. Второ, уште на почетокот со став 2 од членот (1) се доведува во прашање искажаното во став 1 од членот (1), конкретно, дека на целата територија на РМ и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Со формулацијата во став 2 не е јасно дали јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо се смета за службен јазик и во меѓународните односи на РМ. Ако е така, што ќе значи тоа за комуникацијата при воспоставувањето на меѓународни односи, особено со земјите во регионот и дали тогаш не треба да се воспостави правно заштитен механизам за македонскиот јазик и неговата задолжителна употреба во меѓународните односи, без разлика дали носителот на функцијата како прв јазик го зборува македонскиот или некој друг јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ“ - велат тие.
Според нив, во членот (1) став 2 покрај формулата „најмалку 20 % од граѓаните“, којашто, инаку, е произлезена од Рамковниот договор склучен во август 2001 год. во Охрид и чија автентична верзија е единствено онаа на англиски, во загради е споменат САМО и единствено албанскиот јазик. На ваков начин, како што беше споменато погоре, се занемаруваат правата на граѓаните припадници на другите народи во РМ.
Истовремено додаваат дека како дискриминирички се оценува и делот во став 4 од членот (1) во кој се одредува дека „За употребата на јазиците и писмата што ги зборуваат помалку од 20 % од граѓаните во единиците на локалната самоуправа, одлучуваат органите на локалната самоуправа“. На ваков начин, според професорките во единиците на локалната самоуправа има големи можности за манипулација и дискриминација во однос на припадниците на другите народи што живеат во РМ, а не се предвидува заштитен механизам или контрола на тој процес.
„Четврто, во членот (2) е уредено дека граѓаните имаат право да употребуваат кој било од наведените службени јазици и нивните писма од член 1 став (1) и (2) од овој закон, а институциите од член 1 став (3) од овој закон, како и другите институции имаат обврска да им овозможат на граѓаните користење, употреба и примена на тие службени јазици и нивните писма во која било постапка. Ако се навратиме на членот (1) можеме да видиме дека се споменати само македонскиот и албанскиот јазик, што значи повторно има место за дискриминација кон припадниците на другите народи и кон нивните јазици. Петто, во членот (8) е уредена материјата за јазикот на поштенските марки, уплатниците, фискалните извештаи издадени од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон, фактурите од институциите од член 1 став (3) и член 2 став (3) од овој закон и бандеролите. Понатаму, книжните и кованите пари, како и поштенските марки ќе содржат симболи што го претставуваат културното наследство на граѓаните што го зборуваат македонскиот јазик и неговото кирилско писмо и јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните и неговото писмо. Во став (3) е пропишано дека униформите на полицијата; пожарникарството; здравството; во Скопје и во единиците на локалната самоуправа во кои најмалку 20 % од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо. Имајќи ги предвид бројните искажувања во јавноста дека, всушност, во овој Предлог-закон се вклучуваат аспектите од Рамковниот договор од 2001 год., укажуваме дека материјата што е овде наведена не спаѓа во содржината опфатена со Рамковниот договор“ - пишуваат професорките.
Потсетуваат дека голем дел од опфатената материја во овој Предлог-закон е веќе опфатена и регулирана со Законот за употреба на јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните на РМ и во единиците на локалната самоуправа.
