ПРОФЕСОР ДАНИЛОВСКИ: Вирусот е дефинитивно меѓу нас, ќе треба да се навикнеме наредните години да очекуваме сезони на настинки, грип и КОВИД-19
Професорот Драган Даниловски, еден од врвните епидемиолози
во земјава, во интервју за Агенцијата Анадолија наведува дека во ниту еден
случај не смееме да се опуштиме, и покрај тоа што во земјава веќе има одредени
услови за барем делумно да се укинат рестриктивните мерки.
Смета дека многу лесно може да се случи повторно да се врати проблемот и се додека не се постигне колективен имунитет, чиј најнизок праг е 60% од населението, како и тоа дека се додека не се развие вакцината за масовно аплицирање, ќе мора да живееме ваков начи на живот.
Дури и кога ќе биде повлечен полицискиот час, тоа ќе биде живеење со вирусот покрај нас, со придржување кон нови правила на однесување, кои ќе бидат во функција на редуцирање на шансите за пренос на вирусот, вели д-р Даниловски во интервјуто, нагласувајќи дека полицискиот час, ако не се случи нешто непредвидено, би требало наскоро да се укине.
-Рестораните и кафулињата да се отворат, но да работат под посебен режим на одржување дистанца помеѓу гостите, ќе проработат и сите јавни места и сервиси, ќе се отворат делумно границите, а од септември и училиштата и факултетите. Сето тоа со една постојано нужна, задолжителна мерка – носење маски или марами преку носот и устата. Ако таа мерка не се почитува, тогаш сè што е постигнато, многу брзо ќе се поништи, вели професорот.
Смета дека новиот корона вирус е дефинитивно меѓу нас.
-По сè изгледа ќе треба да се навикнеме наредните години да не очекуваме само сезони на настинки и грип, туку сезони на настинки, грип и КОВИД-19. Значи, по аналогија со вирусот на грипот и други респираторни вируси, КОВИД-19 најверојатно ќе стане сезонско заболување. Малку е веројатно да исчезне засекогаш, појаснува професор Даниловски
