Проф. Ќиро Ивановски: Да се почитува волјата на мнозинството професори, Стоматолошкиот факултет заслужува декан кој ја сака и знае својата работа
Кога првиот човек на најстариот универзитет во Македонија не ја почитува волјата на мнозинството членови на академската заедница на Стоматолошкиот факултет јасен е одговорот за каква универзитетска автономија се зборува во земјава. Иако Ректорот Јанкуловски е најповиканиот човек кој треба да се грижи за универзитетската автономија, тој грубо ја прекршува, притоа, погазувајќи ја волјата на мнозинството наставници на Стоматолошкиот факултет- вели за Фактор, професорот Ќиро Ивановски редовен професор на Стоматолошкиот факултет при Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј’’ кој ја има поддшката од мнозинството колеги и околу 220 студенти за избор на декан на Стоматолошкиот факултет.
За в.д деканката која сега е на раководната позиција на факултетот вели немало воопшто избор, туку таа била назначена со решение донесено од Ректорот на УКИМ, Никола Јануловски. Членовите на наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет преку академски проглас најавија бојкот во работата на органите и телата на Факултетот, поради незаконски назначената в.д. деканка, Мирјана Поповска.

“Мнозинството членови на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет, со академскиот проглас го најавија своето неучеството во органите и телата на Стоматолошкиот факултет. Органи на нашиот факултет се: Наставно-научниот совет и Деканатската управа. Наставно научниот совет брои вкупно 42 членови, од кои 38 се наставници, а четворица се претставници од Студентскиот Парламент. Деканатската управа, пак, ја сочинува декан, продеканите и раководителите на 7-те катедри. Со Наставно-научниот совет и Деканатската управа раководи деканот на факултетот. Во академскиот проглас, јасно истакнавме дека нашиот следен чекор е неучество во органите и телата со кои претседава незаконски назначената в.д. деканка. Нашата одлука има превентивен карактер. Имено, не сакаме одлуките кои би биле донесени од овие органи, подоцна, да бидат поништувани и прогласувани за неважечки. На овој начин, навреме предупредуваме на можните последици кои ќе настанат”- вели професорот Ивановски.
Назначувањето за в.д декан на стоматолошкиот факултет според професорите е спротивно на Законот за високото образование бидејќи факултетот навреме го предложил професорот Ивановски за единствена кандидат за декан.
“За неа, не се произнесоа професорите од нашиот факултет. Сметам дека доколку кај колешката постоеше желба да биде избрана за декан, имаше можност да се кандидира, да ја предложи својата програма за работа и членовите на Наставно-научниот совет на факултетот ќе го дадеа своето мислење за нејзе. Согласно Законот за високо образование ректорот нема право да назначи в.д. декан бидејќи факултетот навреме предложи кандидат за декан и тоа единствен кандидат. Ваквите ограничувања на ректорот не напразно законодавецот решил да ги помести во член 55 од Законот за високото образование, кој носи наслов: Одговорност на ректорот за законитоста и статутарноста. Одлуката за мојот избор му е доставена уште во декември минатата година. Доколку Ректорот сметал дека е направен пропуст при изборот, можеше навремено да реагира и постапката да се повтори на факултетот, а не да назначува в.д. декан. Но, ректорот не донесе никаква одлука” – додава професорот Ивановски.
На 12 декември минатата година биле спроведени избори за декан на факултетот на кои членовите на Наставно-научниот совет на Стоматолошкиот факултет му ја дале поддршката на професорот Ивановски. Од вкупно 42 членови на Наставно-научниот совет, за него гласале 26 членови, а за против-кандидатот проф. д-р Љубен Гугувчевски, 16 членови. Со тоа, Ивановски бил утврден како единствен кандидат за декан на Стоматолошкиот факултет.Упатиле и писмо до ректорот Јанкуловски да ги објасни причините за непочитувањето на нивната волја. Но досега велат не добиле одговор.
“Уште на 3 мај од страна на наставниците беше упатено отворено писмо до Ректорот со барање да ни ги објасни причините за непочитувањето на нашата волја и нарушувањето на автономијата на Универзитетот. На ова писмо не добивме никаков одговор. Направиве повторен обид, и на 19 мај упативме барање за работна средба со ректорот. За жал, ректорот и овој пат се одлучи да молчи. Не ми се познати причините поради кои не сум избран од страна на Ректорот. Имено, немам добиено никакво писмено образложение. При единствената средба со Ректорот, која што се случи на 23 мај, а по негово барање не ми беше посочена ниту една основана причина за мојот неизбор. Сметам дека доколку постоеше било каква причина која што би ограничила ректорот да го спроведе мојот избор, истата ќе беше и писмена наведена. Но, убеден сум дека таква причина нема”- додава проф. Ивановски
Позицијата декан на Стоматолошкиот факултет како и обврските и задачите според професорот се големи. Проблемите на факултетот вели со години наместо да се решаваат се затскриваат.
“Ни малку не е лесна оваа позиција. За жал, во изминатиот период, проблемите на нашиот факултет не се решаваа, туку само се прикриваа. На Стоматолошкиот факултет, соработниците ни се со истечено времетраење на звањето; просечнатавозраст на вработениотнаставно-наученкадаризнесува 53,06 години, додека на научниот и соработничкиоткадаризнесува 48,24 години; вработените на Стоматолошкиот факултет во исто време се евидентираат и на Факултет и на Клиника, небаре имаме двојник. За жал и практичната настава, исклучително битна за студените, од година во година е се полоша. Од овие причини, предизвиците, обврските и задачите на идниот декан се навистина големи. Во изминатиот период, врз повеќе наставници беа вршени притисоци, но сепак, цврсто го застапуваа нивниот став. Сметам дека со зајакнување на автономијата на Универзитетот, ангажирање на научен подмладок, издвојување на повеќе средства за научно-истражувачка работа, но и донесување на нов Закон за високото образование ќе се придонесе за понатамошен раст и развој на Универзитетот“-потенцира професорот од Стоматолошкиот факултет.
Во мај тој доставил барање до Министерството за образование и наука доставил за надзор на законитоста на постапката за избор на декан. Мнозинството наставници на факултетот доставиле уште едно барање за укинување или поништување на решението за поставување на в.д. декан. Освен до министерството, доставени се и две барања до Државниот просветен инспекторат. Очекуваат надлежните институции да постапат по истите и да донесат законита одлука бидејќи нема ниту законски ниту статутарни пречки за неговиот избор. Единствениот кој постапил спротивно на Законот тврдат дека е ректорот кој цели пет месеци одлуката за избор на професорот Ивановски за декан на Стоматолошкиот факултет ја чува во фиока.
Правдата професорите ќе ја бараат пред суд. Тие не ја исклучуваат можноста за поднесување на тужби но и кривични пријави против ректорот и назначената в.д. деканка. Според правниците кои ги консултирале сметаат дека исполнети условите и за кривично гонење.
С.Б.
