ПРОФ. ДЕСКОСКИ ЗА ФАКТОР 24: Иванов повеќекратно го прекрши Уставот и треба кривично да одговара
„Претседателот Иванов има обврска да постапува во рамките на уставните решенија. Неговата позиција во доделувањето на мандатот и во постизборниот трансфер на власта е ограничена со прецизни уставни одредби. Мандатарот го кандидира и номинира парламентaрното мнозинство, а доделувањето на мандатот има повеќе церемонијално-протоколарен карактер. Претседателот само го доделува мандатот и толку“. Овој став професорот Тони Дескоски од Правниот факултет го кажа во магазинот Фактор 24 што се емитува на ТВ24. Според него, претседателот Иванов нема право да бара никакви усмени, писмени или какви било владини гаранции. Тоа едноставно не се негови уставни надлежности.

Според Дескоски во моментот кога Иванов одби да го додели мандатот го прекрши Уставот, иако иницијативата на парламентарното мнозинство содржеше и докази за нејзиното постење како што шефот на државата дополнително побара.
ДОСЕГАШНАТА ВЛАСТ ТРЕБА МИРНО ДА ГИ НАПУШТИ ИНСТИТУЦИИТЕ
„Во изминатите неколку месеци престедателот Иванов перманентно го крши Уставот. Тој е соучесник во поттикнувањето на ВМРО ДПМНЕ да го опструира трансферот на власта. Тоа е само една од последните противуставни постапки. Една од најкрупните негови грешки беше амнестијата. По овој негов чин, за да се анулираат штетните последици беа вклучени и Уставниот суд и Парламентот. Само за да се исправи оваа негова кардинална грешка. Затоа се поуверливи и погласни стануваат оценките дека Иванов не може да биде фактор за решение на кризата, туку нејзин поттикнувач. Неговата одговорност не е само политичка, морална туку и кривично-правна“, објаснува Дескоски кој беше еден од правните експерти кои ги бранеше македонските аргументи во тужбата против Грција пред Меѓународниот суд за правда во Хаг.

Во интервјуто за Фактор 24 професорот Тони Дескоски оцени дека новото парламентарно мнозинство се легитимира како коалиција која треба да ја превземе власта. На таков трансфер треба да биде подготвена и досегашната власт која, со еден фер-плеј однос треба да ги напушти институциите со кои досега владееше.
Универзитетскиот професор Тони Дескоски прогнозира дека доделувањето на мандатот и смената на власта ќе оди со забрзана динамика, но не исклучува дека при гласањето за избор на Влада може да има нов инцидент случен како оној од 27 април кога во Парламентот беше направен упад и беа нападнати пратеници. Во најновото издание на Фактор 24 покрај интервјуто со проф. Тони Дескоски разговаравме и со универзитетскиот професор Лазар Лазаров, Елена Ставревска докторант по политички науки и поранешна германската европратеничка Дорис Пак која даде краток коментар за состојбата во Македонија.
Фактор 24 е политичко економски магазин во изработка на веб порталот Фактор.мк
