Економија, финансии, бизнис

Контакт

Продолжување на породилното боледување во отворено писмо до Собранието

Продолжување на породилното боледување во отворено писмо до Собранието

Предлогот  за покренување на граѓанска иницијатива за законски измени за продолжување на породилното боледување  ја поттикна Платформата за родова еднаквост  во која членуваат 22 организации и мрежи да испрати Отворено писмо до Собранието. Оттаму велат дека е потребно отворено да се дискутира за потребата од законски измени поттикнати од граѓански иницијативи. Тие го поздравуваат  отворањето на прашањето за измени на Законот на работни односи, кој во голема мера третира прашања од интерес за правата и статусот на жените и родовата рамноправност.

“Најпрво, бараме почитување на законски пропишаните процедури  за прифаќање и разгледување на граѓански иницијативи кои се однесуваат на измени на закони. Според Член 67 од Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните, Парламентот е надлежен да ја утврди пред сѐ уредноста на поднесената иницијатива без да навлегува во материјална расправа за истата. Сметаме дека од формално - правен аспект овој член не се испочитува во целост во расправите на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците (одржана на 06.06.2017) и Законодавно-правната Комисија (одржана на 07.06.2017) заради навлегување во материјална расправа која понатаму доведе до реакции во јавноста на различни засегнати страни. Доколку се навлегува во материјална расправа на предложената инцијатива тогаш не смее да отсуствува расправа пред сè во дел од комисиите кои се појавуваат како матични за дадената проблематика”- велат од Платформата за родова еднаквост.

Почитувањето на пропишаните законски процедури од сите надлежни органи и институции сметаат дека  е исклучително важно заради обезбедување на партиципативност на сите засегнати страни и транспарентност на процесот на носење на одлуките кои гарантираат подобри законски решенија.

“Сакаме да нагласиме дека материјалната расправа за прашањето кое го третира граѓанската иницијатива не смее да се одвива во услови на неформирани работни тела во чија надлежност се законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа заради бременост, раѓање и родителство. Бараме во најбрз можен рок да се формираат сите работни тела, особено Комисијата за еднакви можнсти на жените и мажите, со паритетно учество на пратеници и пратенички (сооднос 50%/50%), каде ќе може да се отвори широка дебата за унапредување на законите кои ги уредуваат прашањата на отсуство од работа заради бременост, раѓање и родителство”- потенцираат од Платформата.

При носењето на законски решенија кои ги уредуваат овие прашања очекуваат  да се почитуваат генералните принципи поврзани со европските директиви за недискриминација и родова еднаквост, како и предизвиците на македонскиот контекст.

“Бараме од Собранието на Република Македонија при измени или носење на законски решенија кои задираат во правата на жените и родовата рамноправност задолжително да се разгледуваат од Комисијата за еднакви можности на жените и мажите со гарантирано учество на експертите и граѓанските организации кои работат на овие прашања. При тоа, одлуките треба да се носат врз основа на аргументирани анализи и исцрпни дебати кои ќе водат кон најсоодветни законски решенија во корист на  граѓаните, а соодветствуваат на комплексноста на материјата која ја регулираат законите”-  нагласуваат од Платформата за родова еднаквост.

Очекуваат  нивните барања да бидат искористени  како консултативен механизам со граѓанските организации кои треба да бидат  активно вклучени во расправите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и сите собраниски расправи поврзани со менување или носење на нови законски решенија и политики кои ги засегаат женските права и родовата рамноправност.

Слично

Поврзани вести