Продолжува синхронизираната поддршка за Филипче
Откако доби поддршка од партиските соработници од СДСМ и од директорите на јавните здравствени установи, министерот за здравство Венко Филипче по понудената оставка беше пофален и од Здружението на лекари специјалисти.
„Плата за приватните специјализанти, фер договори за државните специјализанти и
укинување на лихварските договори со обврски и меници на преку 100 000 евра,
укинување на интермедиерниот испит, укинување на снимањето и емитувањето во
живо на нашите испити и колоквиуми, бесплатна вакцинација против хепатитис Б за
сите специјализанти, здравствено осигурување на приватните специјализанти и
платените дежурства, се реалност“, гласи дел од денешното соопштение на Здружението на лекари специјалисти.
Директорите на Јавните здравствени установи (ЈЗУ) во земјава претходно испратија писмо до премиерот Зоран Заев во кое наведуваат дека не ја прифаќаат понудената оставка на министерот и дека тие му даваат безрезервна поддршка да продолжи да ги води.
„Почитуван премиер, не сме имуни на болката по изгубениот живот, иако работиме во систем каде секојдневно се спасуваат и гаснат човечки животи. Болката ја носиме со себе. И Тетово е болка на сите нас. Изразуваме длабоко сочуство до семејствата и до најблиските на починатите. Нашите мисли се со нив и нема зборови со кои може да ги утешиме... Триесетина пациенти денес се борат да преживеат. Се лекуваат во систем кој го постави и секојдневно го менаџира заедно со сите нас д-р Венко Филипче. Тој е всушност столбот на овој систем, систем кој докажа дека спасува животи.“, стои во писмото од директорите.
Во меѓувреме се активираше повторно фејсбук-групата „Поддршка за Венко Филипче“, а премиерот Зоран Заев денеска се огласи дека прво ќе ги почека резултатите од истрагата пред да донесе одлука.