Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРОДОЛЖУВА БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО: Ги прашавме граѓаните дали ја користат услугата

ПРОДОЛЖУВА БЕСПЛАТНИОТ ЈАВЕН ПРЕВОЗ ВО КУМАНОВО: Ги прашавме граѓаните дали ја користат услугата

Бесплатниот јавен превоз на територија на Општина Куманово ќе важи до крајот на септември годинава, а граѓаните, посебно оние кои живеат во руралните средини и секој ден патуваат на работа, се задоволни и велат дека успеваат да заштедат. Со парите кои претходно ги трошеле за превоз, сега можат да покријат други трошоци во домаќинството.

За патување до некои од кумановските села месечниот билет чини и над 2.500 денари. Оние кои живеат во центарот на градот, ретко го користат бесплатниот јавен превоз, но за мерката велат дека е корисна за граѓаните.

„Мерката е добра. Пензионерите и онака седат дома, а сега можат да се прошетаат. И за оние кои одат на работа е добро. Со тие пари народот може да си купи нешто друго. Јас живеам во центар и повеќе одам пеш, но мерката е позитивна“, вели Руса Ордевска, граѓанка.

Но, има и такви кои сега поради бесплатниот јавен превоз почесто патуваат на релација град – село.

„Се возам до селото Пчиња, таму имам роднини, а бидејќи 100 денари е билетот, се заштедува. Сепак 200 денари дневно не се за потценување. Во ред е мерката. За оние кои се сиромашни, со мали плати и пензии, добро е“, рече Светла Георгиевска, граѓанка.

Но, помал дел од граѓаните и натаму практикуваат да се возат со сопствени возила.

„Јас два-три пати дали сум се возела во автобус откако е бесплатно. Со децата се возам со автомобил. Оние кои работат и патуваат секој ден, велат дека им е добро“, објаснува Виолета Додевска, граѓанка.

Од компанијата за превоз на патници „Штуз“ објаснуваат дека автобусите се полни, за превозниците има стабилни приходи, а нелојалната конкуренција е намалена.

„Месечниот билет за прва зона беше 1.000 денари, за втора зона 1.200 денари, додека за поодалечните села како Клечовце, билетот е 2.800 денари, а доколку патникот плаќа секој ден, сумата е поголема на месечно ниво. Мерката е добра за сите. Претходно имавме проблем со дивите превозници, затоа што луѓето за иста цена се возеа со диви таксисти, а сега таа појава е намалена затоа што превозот е бесплатен. Ова е еден чекор напред и освен што има патници, треба да се види како се превезени, дали автобусите се редовни, но тоа се работи кои можат да се унапредуваат“, велат од „Штуз“.

Дополнително, додаваат дека користењето на јавниот превоз ќе придонесе за почист воздух. Куманово е прва општина која воведе бесплатен јавен превоз на почетокот на оваа година, за да им се помогне на граѓаните, но и да се намали аерозагадувањето. За бесплатниот јавен превоз, општината на превозниците ќе им исплати уште 250.000 евра, по оние 500.000 евра за првите 6 месеци. Дел од советниците во Советот на Општина Куманово негодуваа за оваа мерка и не ја поддржаа. Тие бараат точни податоци колку патници се возат во автобусите и дали мерката е оправдана.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести