Продолжува субвенционирањето на нискобуџетски авиокомпании за влез во Македонија
На почетокот на следната година ќе биде распишан нов меѓународен јавен повик за доделување државни субвенции за влез на нискотарифни авиопревозници во Македонија, најавува министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески во интервју за МИА. Тој е задоволен од ефектите што досега ги има ваквата стимулација.
„Во првите 9 месеци од годинава споредбено со истиот период лани имаме раст од 21 процент. Нашата цел да се овозможат нови дестинации за македонските граѓани и директни летови од Скопје по конкурентни цени се остварува и токму затоа овој проект ќе има свое продолжение“, вели Јанакиески.
Министерството за транспорт и врски ја изработило проектната програма за изработка на Студија со која треба да се испитува можноста за формирање, односно воспоставување на национален авиопревозник. Наскоро треба да започне постапка за јавна набавка за избор на консултант за изработка на Студијата, која јасно ќе покаже дали можноста е исплатлива и остварлива и каде ќе се дефинираат условите за формирање, односно воспоставување национален авиопревозник во Република Македонија.
„Дали ќе има национален авиопревозник или не, зависи од тоа дали евентуалните понуди кои ќе ги добиеме од компаниите по објавениот јавен повик ќе бидат прифатливи за Владата“, појаснува Јанакиески.
Слично
