Продажбата на „мерцедесот“ зависи од исходот на случајот „Тенк“
Постапката за продажба на луксузниот „мерцедес“.зависи од исходот на судскиот случај „Тенк“, изјавија од Владата на РМ.
– Стопирана е постапката за продажба на „мерцедесот“. Кога ќе заврши судската постапка и кога ќе стигне допис дека автомобилот повеќе не е предмет на судски процес, ќе излеземе со нова информација. Не е тоа единственото возило со највисоки стандарди на безбедност за заштита на високи странски делегации, изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Пред три месеци Владата почна постапка за продажба на „мерцедесот“ преку јавно наддавање со почетна цена од околу 230 илјади евра, но набрзо таа беше прекината со образложение дека обвинетите во случајот „Тенк“ може да се обидат да избегнат одговорност. Случајот го отвори СЈО, а со обвинението за набавката на „мерцедсот“ од 600 илјади евра се опфатени експремиерот Никола Груевски, ексминистерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, и поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски.
Денеска се очекува изрекување на пресудата за овој случај.
