ПРОДАДЕНИ 200 АКЦИИ НА КОМЕРЦИЈАЛНА БАНКА - во блок трансакција некој плати 40 илјади евра
Денеска берзанскиот ден го одбележа една блок трансакција со акциите на Комерцијална банка, а вкупната вредност што некој ја плати за акциите на оваа најголема македонска банкарска институција изнесува 40 илјади евра.
Преку блок трансакција на Берзата беа продадени и купени 200 акции, по цена од 12.300 денари за акција, или вкупната сума на трансакцијата е 2,46 милиони денари или рамно 40 илјади евра.
Инаку, цената по која поминаа акциите во блок трансакцијата е речиси идентична со онаа која се оствари како просечна на денешното редовно тргување со акциите на ова акционерско друштво на Берзата, а која изнесуваше 12.312 денари.
Вчера, пак, на Берзата, цената на редовното тргување беше само малку пониска и изнесуваше 12.289 денари за една акција на Комерцијална банка.
Инаку, Комерцијална банка во првото полугодие од годинава оствари повеќе од одличен деловен резултат, остварувајќи за шест месеци профит од 32,6 милиони евра, што е зголемување за фантастични 77 отсто во однос на истиот период лани.
Н.Н.Ф.
