Проблематичниот ученик од Аеродром ќе почне со настава во Железара: Родителите со петиција бараат да не се случи тоа
Родителите на учениците од Основното училиште Григор Прличев во Железара со петиција бараат од училиштето да не се запишува ученик кој од оваа година треба да учи таму, а кој поради своето однесување, веќе не посетува настава во претходното училиште во кое учел.
Родителите алармираат на негово ризично и загрижувачко однесување, а се работи за ученикот од Општина Аеродорм, за кого претходно се пишуваше во медиумите, а против чие префрлање од училиштето „Лазо Ангеловски“ во училиштето „11 Октомври“ во Центар имаше и протести. Петицијата, објавена на „Зелена Железара“, ја објавуваме во целост:
„Ние долупотпишаните родители на ученици од ООУ Григор Прличев Скопје-Населба Железара, Општина Гази Баба ја поднесуваме оваа петиција до училиштето а поради следните причини:
Имено како родители а по неофицијална информација стекнавме сознание дека од оваа година во нашето училиште треба да посетува настава ученик кој поради своето несоодветно, недолично насилно и загрижувачко однесување кон соученици и наставнички кадар повеќе не посетува настава во училиштето во кое претходно посетувало настава. Впрочем, случајот за овој ученик е веќе добро познат на пошироката јавност со оглед да за неговото ризично и загружувачко однесување при посетувањето на наставата во претходното училиште веќе се пишуваше и објавуваше по печатените и електронски медиуми и портали во нашата држава.
Во таа смисла како родители ја изразуваме нашата сериозна загриженост и нашето незадовлство и несогласување да овој ученик од оваа година отпочне со посетување на настава во нашето училиште-ООУ Григор Прличев н.Железара, Скопје и бараме овој ученик ДА НЕ ГО продолжи своето школување во нашето училиште.
Доколку нашата оправдана загриженост и несогласување не биде разбрана и прифатена укажуваме дека ќе ги првземеме сите законски мерки а не е исклучена можноста од бојкот на наставата, односно нашите деца нема да одат на училиште и да посетуваат настава.
Со надеж дека оваа наша петиција сериозно ќе биде разбрана,
Со почит,
Родители на ученици од ООУ ГРИГОР ПРЛИЧЕВ-Скопје
н.Железара“, стои во петицијата.
Набрзо по објавата, текстот на петицијата беше избришан од групата „Зелена Железара“.
