Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРИЗНАНИЕ НА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА: ЕУ вети нешто, но иако многу се трудевме, не успеавме да го одржиме ветувањето дадено во март

ПРИЗНАНИЕ НА ГЕРМАНСКАТА АМБАСАДОРКА: ЕУ вети нешто, но иако многу се трудевме, не успеавме да го одржиме ветувањето дадено во март

Германија и честита на македонската влада за државничкиот однос во изминатиот период, изјавила во разговор за ДВ, германската амбасадорка Анке Холштајн. Проширувањето ќе биде приоритет и за Португалија.

Заклучоците на ЕУ предложени од актуелниот претседавач Германија предизвикаа дилеми во јавноста: дали Бугарија успеа да го протурка своето толкување за историјата. Германската амбасадорка Анке Холштајн ги отфрлила таквите тези во разговор за Дојче веле. Заклучоците, како и споменатата формулација, важат еднакво за сите, рекла таа.

„Главната причина за усвојувањето на овие заклучоци е давањето сигнал за веродостојноста на перспективата за проширување. Заклучоците се однесуваат на шесте земји во регионот на Западниот Балкан и затоа е важно што тие беа усвоени за да се покаже дека проширувањето продолжува“, вели Холштајн за ДВ.

За членот 8 од заклучоците вели дека формулацијата не е нова и веќе била во употреба од 2018 година. 

„Таа е еднакво валидна за Бугарија, Грција и Северна Македонија. Оттука, таа може да биде основа за продолжување на заедничката работа. За нас како претседавачи беше важно да ги усвоиме овие заклучоци за да покажеме дека сите земји-членки се посветени на проширувањето“, вели германската амбасадорка.

Холштајн и честита на македонската влада за начинот на кој ги водеше сите дискусии во последните недели. 

„Таа покажа државнички однос во држењето на емоциите на најниско ниво и со тоа дозволи да продолжат преговорите. Со тоа се остави простор преговорите да останат отворени и во следните месеци", нагласила Холштајн.

На владата и препорачува да продолжи со реформите и смета дека тоа може да го забрза патот на земјата кон полноправно членство, без оглед кога формално ќе започнат преговорите.

За германската амбасадорка блокадата на почетокот на преговорите на земјата со ЕУ е „удар“, но смета дека нема потреба да се размислува за алтернативи.
„Целосно разбирам дека е многу тешко, голем предизвик е да се продолжи кога ќе се добие таков удар. Да кажам отворено: ЕУ вети нешто и, во моментов, не успеа да си го одржи ветувањето. Нема сомнеж во тоа. Ние многу се трудевме, но не успеавме да го исполниме ветувањето кое беше дадено во март. Под тие услови, како што реков, тешко е да се продолжи, но сметам дека нема алтернатива. Германија е подготвена да ве поддржи“, вели амбасадорката Анке Холштајн за Дојче веле.

Слично

Поврзани вести