Привремено решение за тетовските гимназијалци Македонци - каде ќе учат?
Гимназијалците Македонци од Тетово кои настава следат во салата за седница на општина Тетово, ќе учат во простории на старото медицинско училиште.
Родителите на гимназијалците од македонските паралелки решија да го прифатат предлогот на општината, настава да се одржува во објектите на старото медицинско училиште како привремено решение. Овие денови учениците настава одржуваа во салата за седница на општина Тетово и на плоштадот. Учениците објаснуваат дека условите во општинската зграда се лоши, и затоа одржуваат скратени часови. Велат часовите траат 15 минути, а тоа не е доволно.
Општинските служби и други фирми ја реновираат една од двете згради во старото медицинско училиште. Овие активности треба да завршат за две недели.
Досега гимназијалците учеа во простории на основно училиште и други установи. Учебната година ја почнаа со протести и барање да добијат училници во централната зграда на гимназијата.
Тетовските гимназијалци повеќе од еден месец се без соодветни простории за спроведување на наставата.
