Привилегиите на поранешните претседатели пред Уставен суд
Уставен суд на иницијатива на Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница ќе ги разгледа привилегиите на поранешните македонски претседатели кои им ги овозможува државата по престанокот на нивните функции.
Антикорупциска побара преиспитување на оправданоста на законските решенија кои им овозможуваат на поранешните шефови на државата и нивните семејства повластици од Службата за општи и заеднички работи на Владата, како што се скапи закупи на резиденции.
- Во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале или имаат, своевремено потенцираше Билјана Ивановска, претседателката на ДКСК.
Еден поранешен претседател има право на пензија чиј износ е еднаков со износот на платата што ја прима претседателот на државата, има право на канцелариски простор и најмногу тројца соработници, како и право на лично обезбедување, службено возило и возач.
