ПРИВЕДЕН Е ДРАГАН ДАРАВЕЛСКИ, ДОЗНАВА КАНАЛ 5 - денеска околу пладне при влез во Македонија
Канал 5 објавува дека од анонимен извор добиле дојава дека денес се очекувал влез на осудениот во отсуство Драган Даравелски на граничниот премин со Србија и дека наскоро треба да биде однесен во Идризово.
Како дојде до ова апсење на Даравелски, и дали самото негово влегување во Македонија е дел од организирана акција, од МВР кратко за телевизијата изјавиле дека во текот на денот ќе излезат со повеќе детали.
Драган Даравелски е поранешниот директор на Царинската управа кој во 2007 година беше осуден во отсуство на 7 години затвор, и кој беше баран со потерница на Интерпол, еднаш веќе во 2016 год. беше уапсен во Белград но до ден денешен не се случи неговата екстрадиција.
Тој се товареше дека додека бил на функција службено лице, ја злоупотребил службената должност и овластување, а неговиот заменик, второобвинетиот Киро Доцевски беше обвинет за истото дело, но и за фалсификување службена исправа. Според обвинението, државата била оштетена за 2,5 милиони евра.
