Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРИВАТНИТЕ ГРАДИНКИ ИМААТ ПРОТОКОЛИ ЗА БЕЗБЕДНО ФУНКЦИОНИРАЊЕ: Чекаат сигнал кога ќе може да почнат со работа

ПРИВАТНИТЕ ГРАДИНКИ ИМААТ ПРОТОКОЛИ ЗА БЕЗБЕДНО ФУНКЦИОНИРАЊЕ: Чекаат сигнал кога ќе може да почнат со работа

Првитаните градинки се целосно подготвени за отворање, само се чека кога Комисијата за заразни болести ќе даде препорака да почнат со работа, велат од Асоцијацијата на приватните градинки „Полет“ за Фактор. Оттаму посочуваат дека безбедни протоколи по здравјето на децата во услови на оваа епидемија се доставени до надлежните уште во почетокот на јуни, но тогаш и покрај сите нивни напори да почнат да згрижуваат деца, од Комисијата за заразни болести беше истакнато дека епидемиолошката состојба не дозволува отворање на овие установи. И сега, претседателот на „Полет“, Андреј Поповски во разговор за Фактор вели дека Асоцијацијата на приватните градинки, која брои повеќе од 200 вработени, како и над 1000 деца и нивните родители ги исполнуваат сите стандарди пропишани со Законот за заштита на децата, и со тоа се подготвени да ги спроведат сите протоколи, единствено чекаат да се произнесат надлежните. –

-Градинките од ПОЛЕТ понудија да бидат први кои ќе бидат вратени во функција, со што практично ќе можеа да се извлечат искуства од спроведувањето на протоколите, а тоа да послужи за подготовка на јавните градинки. По состанокот во јуни, Комисијата даде насоки (кои беа испратени истиот ден), што се’ дополнително  треба да и’ се образложи, посебно околу бројот на згрижени деца во воспитните групи и просторните услови, но никаков официјален одговор, ниту записник не е добиен, иако членови на Комисијата на состанокот децидно се изјаснија дека не гледаат никакви пречки за отворање на приватните градинки, потенцира Поповски.

Тој вели дека, ако главната причина е преоптовареноста на групите и просторните услови, како што наведуваат од Комисијата за заразни болести, тогаш, нагласува Поповски, приватните градинки и јавните кои можеа да ги спроведат протоколите, односно каде нема преголем број деца, се колатерална штета.

-Воопшто не е јасно зошто и покрај сите услови не беше дозволено да работиме, а беше одземена можноста голема група деца да посетува градинка односно да биде вратена во воспитно - образовниот процес. Сметаме дека тоа е исклучиво заради нечија неодговорност, за што ќе мора да се сноси одговорност, вели Поповски.

Од Асоцијацијата на приватните градинки посебно посочуваат дека, сиот овој период, додека трае пандемијата, во најголемиот број земји во регионот и Европа, првенствено и внимателно беше осмислено отворањето на градинките (во некои земји не се ни затворија), како сегмент од животот кој комплексно опфаќа и обединува други сегменти.

-Кај нас, за жал, приоритет беше даден на други дејности, а најесенцијалната дејност, воспитно-едукативниот процес и социјалната заштита на децата е ставена листа на чекање, вели Поповски.

Анита Буховски

Слично

Поврзани вести