„Приватни посети“ од соседствата роварат низ Македонија
Контроверзната посетата на косовскиот премиер Албин Курти на општините Тетово и Чаир изминатиот петок и натаму предизвикува голем број реакции во јавноста. Опозицијата и дел од експертите вината ја лоцираа и кај Владата, која која не ги осуди настаните, туку единствено од Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски се огласија дека станува збор за „приватна посета“.
Курти беше во Северна Македонија и се сретна со дел од лидерите на опозициските партии на Албанците. Средби со официјални државни претставници немаше, ниту беа најавени.
„Кабинетот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија ви посочува дека пред сѐ, оваа посета на премиерот на Косово, Албин Курти е приватна посета, и за деталите од поканата, протоколот и организација на посочениот настан ве молиме да се обратите кај организаторот“, гласеше дел од реакцијата на Кабинетот на премиерот еден ден по посетата на Курти.
- Бидејќи од ДУИ и СДС исто така не знаеле дека во посета на државата доаѓа косовскиот премиер, тогаш кој дал дозвола за негово полициско обезбедување? Дали доколку Албин Курти бил на приватна посета во Македонија му следи целосно обезбедување од МВР. Спасовски да одговори по кој основ и му е доделено полициска заштита во приватна посета и кои ќе ги плати прошците за ангажирање на службени лица од МВР?, прашаа вчера од ВМРО-ДПМНЕ.„Приватна посета“ во која се игнорираа чувствата на Македонците беше и таа во април 2022, кога неколку дена владееше молк кај владините институции откако тогашниот државниот врв на Бугарија дојде на отворање на сега веќе ззгаснат клуб во Битола кој го носи името на соработникот на фашистите во Втората светска војна, Иван Ванчо Михајлов, од страна на здружение финансирано од бугарската држава.
Посетата на бугарските претставници на покана на здружение на Бугари од Битола, од македонските официјални претставници беше именувана како „приватна“ и прерасна во скандал откако јавноста го дозна името на Клубот кој дојдоа да го отворат лично бугарскиот премиер, потпретседателката на Бугарија и шефицата на бугарската дипломатија.
И тој настан помина без какво и да е присуство на официјални македонски претставници и без објаснување како е можно отворањена на клуб на здружение на Бугарите во Македонија, финансирано од страна на бугарската држава, да не се смета за настан организиран токму од страна на бугарската држава.
