Притвор за неготинчанецот кој ја претепа љубовницата до кома, ја турнал во туш кабината
Основното јавно обвинителство побара притвор за неготинчанецот осомничен за тешка телесна повреда при семејно насилство врз жена. Претходно полицијата објави дека 51-годишниот П.Н. претепал 46 годишна жена во нејзиното живеалиште, а од ударите таа паднала во коматозна состојба и била пренесена со Брза помош во Клиничкиот центар во Скопје. Обвинителството, откривајќи нови детали, информира дека жртвата претходно била турната во туш кабина во бањата.
„На 2 август, по вербална расправија, осомничениот извршил семејно насилство врз жена со која претходно повеќе години живеел во вонбрачна заедница. Тој повеќе пати ја удирал со бокс во главата, а потоа ја турнал кон туш кабината во бањата. Оштетената паднала и се здобила со тешка телесна повреда од која западнала во коматозна состојба. По интервенција во Општа болница – Кавадарци, таа била итно пренесена на лекување во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје“, гласи соопштението на ОЈО.
Претходно, според инфото на полицијата, насилникот бил во љубовна врска со жената која ја нападнал.
„На 2.8.2022 околу 03.35 часот во Неготино,
од полициски службеници од Полициска
станица Неготино е лишен од слобода П.Н.
(51) од Неготино, поради сомнение дека
околу 01.30 часот во дом во Неготино, во
физичка пресметка со 46-годишна жена од
Неготино, со која бил во љубовна врска, ѝ
нанел повреди“, се вели во претходното соопштение на МВР.
