Притвор за лицето кое остави боца поврзана со петарда во Собранието
30 дена притвор доби лицето кое на 27 април во Собранието оставило импровизирана експлозивна направа од плинска боца поврзана со петарда.
Во вечерашното соопштение Обвинителството известува дека постапката е почната поради кривичните дела „предизвикување општа опасност и недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“, кои се наведени од МВР во кривичната пријава која што ја поднело против подметнувачот на импровизираната бомба.
Ј.Л. (41) околу 19 часот со толпата влегол во Собрание на Република Македонија, а околу 20.40 часот заедно со околу 20 лица се качил на првиот кат од Собранието, по што сам влегол во две канцеларии кои се меѓусебно поврзани. Притоа под работно биро поставил импровизирана експлозивна направа која се состои од петарда и боца со компримиран бутан гас залепени со селотејп трака, како и уште едно парче петарда и си заминал.
