Притвор за ексдиректорот на Управата за матични книги и уште шест други лица
Кривичниот суд во Скопје одреди 30-дневен притвор за Бујар Дардишта, поранешен директор на Управата за матични книги и актуелен вработен во ЕВН Дистрибуција, како и за уште шест други лица приведени во рамки на обемна полициска акција.
Осомничените, по одлуката на судот, се спроведени во Истражниот затвор „Скопје“ во Шутка.
Апсењата се реализирани во средата навечер во координирана полициска акција на повеќе локации во Скопје и Куманово, а според информациите од надлежните институции, мета биле вработени во ЕВН Дистрибуција.
Случајот се поврзува со сомнежи за дејствување на организирана криминална група инволвирана во корупција и економско-финансиски криминал.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција соопштија дека акцијата е спроведена под раководство на јавен обвинител, со учество на полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и тежок криминал при МВР, а истражните дејствија се одвивале на повеќе адреси.
