Притвор од 30 дена за потпалувачот на „пасатот“ на полициски инспектор во Берово
Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител и на осомничен беровец му определи притвор во траење од 30 дена. за запалениот автомобил „пасат“ на полициски инспектор.
Во поведената постапка против беровецот тој се товари за тешки дела против општата сигурност. Во саботата околу 1:30 часот во Берово со пожар предизвикал значителна опасност за животот и телото и имотот од големи размери.
„Тој со запалива течност – бензин полил, а потоа и запалил патничко моторно возило марка Пасат, паркирано на паркинг простор лоциран на улицата „Кеј на Младина“ во Берово. Во непосредна близина на возилото биле паркирани уште две возила, имало дрвен столб за ниско напонска мрежа и станбена зграда со 40 стана. Со неговите дејствија, осомничениот целосно го опожарил возилото и предизвикал поголема имотна штета во висина од 180 000 денари“, се вели во соопштението на ОЈО.
Претходно во саботата ОВР Берово објави дека од слобода се лишени О.Д., Б.К. и С.П., сите од Берово, во врска со опожареното патничко возило „пасат”, сопственост на Г.Р. од Берово.
Извршени беа претреси во домовите на трите приведени лица, а како виновен бил посочен С.П.
