ПРИТИСОК ВО ГРАДИНКИТЕ ДА СЕ ПРИМААТ ДЕЦА: Ученици кои отишле на училиште, се вратиле дома
Генерално немало проблеми, но во градинките има некои случаи каде има притисок да се прифаќаат децата. Јаким Неделков, претседател на СОНК вели дека не биле одбиени родителите, но дека нема можност да се ангажираат дополнителни наставници и воспитувачи за да не се нарушува воспитно образовниот процес и затоа, како што вели, законот треба да се смени во тој дел. Од денеска почна штрајк во дејностите образование и детска заштита.
„Евентуално, ако имало конфликтна ситуација или вршење притисок врз оние што штрајкуваат да мора да се прифаќаат децата. Ние рековме дека штрајкувачите ќе бидат во посебна просторија. Одговорноста за прифаќање на учениците односно на децата во градинките ќе биде на директорите. Не може по секоја цена или со сила да ги приморуваат штрајкувачите да прават тоа што не треба да прават за време на штрајкот, додаде Неделков.
Тој во студио 10 на ТВ 24 изјави утрово и дека штарјкувачите се во просториите за штрајк и ги извршувале работните задачи.
На терен некои од учениците кои утрово отидоа на училиште мораа да се вратат, а поголемиот дел од родителите одлучиле да не ги пуштаат децата во училиште. Наставниците суптилно претходно побарале поддршка за штрајкот.
Генералниот штрајк во училиштата и градинките СОНК го организира бидејќи не е исполнето нивното барање веднаш да се зголемат платите на вработените во образованието и градинките за 18,4 проценти, односно нивно усогласување со порастот на миниманата плата, која од овој месец е зголемена од 15.200 на 18.000 денари, како и дополнително – минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефицинетите на сложеност на работни места.
Преговорите меѓу СОНК и Владата во изминатите две недели завршија без договор.
