Прислушкувањето намалено за една третина
Во новообјавениот извештај на Јавното обвинителство за 2017-та Забележливо е дека примената на посебните истражни мерки во 2017 година има тренд на намалување во однос на 2016 година, и тоа 29% кај бројот на случаите и 22% кај бројот на лицата кои биле опфатени со мерките.
Според извештајот, мерката „Следење и снимање на телефонските и другите електронски комуникации во постапка утврдена со посебен закон“ била употребена во 32 случаи.
Мерката „Увид во остварени телефонски и други електронски комуникации“ била употребена во 30 случаи.
Мерката „Тајно следење и снимање на лица и предмети со технички средства надвор од домот или деловен простор означен како приватен“ била употребена во 14 случаи.
Во 3 случаи била употребена мерката „Симулирано давање и примање поткуп“, додека пак во 2 случаи била употребена мерката „Користење на лица со прикриен идентитет за снимање, следење и собирање на информации или податоци и инфилтрирање во организирани криминални групи“.
Мерките „Следење и снимање во дом, затворен или заграден простор што му припаѓа на тој дом или деловен простор означен како приватен или во возило и влез во тие простории заради создавање на услови за следење на комуникации“, „Симулиран откуп на предмети“ и „Таен увид и пребарување во компјутерски систем“ биле применети во 1 случај.
Мерките „Автоматско, или на друг начин, пребарување и споредување на личните податоци“ и „Отворање симулирана банкарска сметка“ не биле употребени во ниту еден случај, а истото се однесува и за мерката „Симулирано регистрирање на правни лица или користење на постојни правни лица за собирање на податоци и создавање услови за инфилтрирање“.
