Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРИМЕР ЗА МЛАДИТЕ: Струмичанка во деветтата деценија од животот чита по педесетина книги годишно

ПРИМЕР ЗА МЛАДИТЕ: Струмичанка во деветтата деценија од животот чита по педесетина книги годишно

Цветанка Тушева од Струмица, е учителка во пензија, која иако има 84 години, редовно ја посетува библиотеката во градот и чита книги.

Минатата година прочитала 46 книги, а почнувајќи од октомври годинава досега прочитала околу 15 книги. Оваа жена вели дека книгите се нејзино хоби, и нејзин прозорец кон светот, а на младите им порачува дека и тие треба да ја негуваат оваа навика. Има прочитано книги од повеќето македонски писатели, но и од многу американски, француски, руски писатели.

„Редовно ја посетувам библиотеката, јас сум нивни чест посетител, тие ме познаваат, но имаат и многу добар избор на книги. Книгата е моето најдобро хоби. Преку нив дознавам многу за животот на луѓето, за различни земји, традиции. Со читање на книгите имаме една поголема наобразба. Сега читав една книга „Додека не зазори“, од кинеската писателка Хан Сујин и таа го опишува животот на Кинезите во минатиот век. Ние за Кинезите малку сме учеле, малку знаеме, но со книгата научив многу работи“, вели Тушева.

За себе вели дека предност им дава на романите во однос на другите жанрови, затоа што според неа романот најдобро го отсликува реалниот живот.

„Ја читав „Зима на Хималаите“ и така дознав многу работи за тој дел од светот, колку жители живеат таму, и на кој начин. Читав и една книга која ја напишал новинар, во која на 400 страници се зборува за борба на змејови. Ми беше малку здодевна, мислев што ли толку може да се пишува на 400 страници за борба на змејови, кога јас знам дека змејови не постојат. Сепак ја прочитав книгата и на крај сфатив дека новинарот со таа борба на змејови сака да ја покаже доминацијата на Америка, и тоа беше многу поучна книга. Се работеше за книга која е бестселер“, додава таа.

За младите вели дека слабо читаат, можеби поради новите технологии, и можноста наместо да се чита книга да се погледне некој филм. Но, вели дека филмот брзо поминува, а книгата е трајна, и останува во сеќавање. Тушева не користи социјални мрежи, а дел од книгите кои ги чита, ги препорачува на сопругот за читање. Таа е со став дека денес има многу добри писатели, и дека стилот на авторите се усовршува, а ова мислење го темели на фактот дека прочитала многу книги, од многу писатели, и голем број Нобеловци.

Во истиот град живее и Драгомир Сепетовски, кој има 86 години, и е најстар член на библиотеката „Благој Јанков – Мучето“. Во библиотеката оди со велосипед, а месечно чита барем по две книги.

Сања Атанасовска

Слично

Поврзани вести