ПРИМАМЛИВИ ПЛАТИ, НО МАЛКУ НА БРОЈ – еве што покажа годишниот извештај на ОТА
Вработените во Оперативно – техничката агенција, попозната како ОТА во текот на минатата година примале грубо нешто помалку од две илјади евра плата, која ги опфаќа и трошоците, односно ова би била бруто платата на вработените во оваа институција.
Имено, како што покажуваат податоците од годишниот извештај на ОТА, доставен во Собранието, во текот на 2023 година во ОТА биле вработени 25 лица и 1 функционер - избрано и именувано лице – директор на ОТА.
За функционирање на ОТА, Владата обезбедува движен и недвижен имот, и канцелариите на оваа институција според извештајот се сместени во простории под закуп.
Од податоците објавени во извештајот, може да се види дека на ставката плати и надоместоци биле потрошени 34.158.153 денари.
Грубата математика вели, ако оваа сума се подели на 12 месеци и по 26 лица, со што е вклучен и директорот на оваа институција, секој од вработените во ОТА добил по 109.481 денари за плата, или грубо 1.780 евра биле потрошени поединечно за бруто плати.
Сепак, јасно е дека дел од вработените, особено директорот и оние на раководни позиции земаат поголеми плати, а со тоа останатите вработени добиваат пониски плати од пресметаните.
- Од вкупно одобрените средства во износ од 219.034.000 денари во буџетот на ОТА за 2023 година, до крајот на годината биле реализирана 123.777.827 денари, со стапка на реализација од 56,51 отсто. Од расходите на основен буџет во 2023 година реализирани се вкупно 122.281.800 денари, што претставува 87,85 отто од вкупниот износ на одобрени средства. Од расходите од самофинансирачки активности во 2023 година реализирани се вкупно 1.496.027 денари, што претставува 1,87 проценти од вкупниот износ на одобрени средства. Нереализираниот износ согласно законот за буџет се пренесуваат во наредната година – се наведува во извештајот.
Во извештајот на ОТА е напоменато дека минатата година имале намален буџет, односно дека се намалени расходите на агенцијата
- Расоходите на основниот Буџет во текот на 2023 година беа намалени за вкупен износ од 133.000.000 денари – се наведува во извештајот.
Во директорското столче на ОТА од крајот на минатата година е Марија Јаническа, која по истекот на мандатот на првиот директор беше избрана за негова наследничка. Таа позицијата ја презема од 27 ноември.
Како што и е познато на јавноста, минатата година истече мандатот на првиот директор на ОТА, Зоран Ангеловски. Неговата директорска позиција започна на 7 септември 2018 година, и заврши истиот ден 2023 година, односно истече по сила на законот. Но, до овој датум Собранието немаше избрано нов директор на институцијата, туку наследничката на Ангеловски беше избрана на 27 ноември, што предизвика големи реакции во јавноста, а како што се посочува во извештајот „вакум периодот имал голем неповолен импакт врз вработените и врз работата на институцијата“.
Инаку извештајот на ОТА покажува дека во текот на минатата година оваа инситтуција имала вкупно 167 случаи, од кои 164 коуникации за потребите на Министерството за внатрешни работи, 2 активирања за Управата за финансиска полиција и 1 активирање за Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
ОТА настана по скандалите со преслушкувањето, и по објавувањето на многубројните „бомби“, или снимени разговори меѓу тогашните владини претставници. ОТА ја презеде опремата за следење на комуникации од Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Поентата на промените беше да се спречат злоупотреби на системот и масовни преслушкувања. Согласно законските измени, ОТА иако е самостоен државен орган, не е во можност да ги слуша и нема право на пристап до содржината на следената комуникација. Имено, ОТА е задолжена да ги следи комуникациите само ако има судска наредба, заради кривични истраги или заштита на интересите на безбедноста и одбраната на државата.
Петранка Огнаноска
Фото: NordWood Themes on Unsplash
