Прилепчанецот кој ги уби поранешната сопруга и нејзината мајка, а го рани братот, доби доживотен затвор
Доживотна казна затвор на 52-годишниот Никола Петрески му изрече основниот суд во Прилеп, за убиство лани во јануари, кога уби две лица, а тешко рани едно лице.
Оваа трагедија го потресе Прилеп.
Минатата година, на 11 јануари, утрото околу 8 часот, Петрески се појавил на вратата од семејната куќа на семејството на поранешната сопруга. Со пиштол ги убил неа и нејзината мајка и тешко го повредил братот на поранешната сопруга. Трагедијата се случила пред очите на 10-годишниот син кој е сместен кај роднини на мајката и е под надзор на Центарот за социјални работи. Петрески е во притвор до издржувањето на казната. Има право на жалба пред Апелациониот суд во Битола.
Портпарол на Основниот суд во Прилеп Жарко Велески изјави дека пресудата донесена вчера е за сторени четири кривични дела: едно за убиство, две за обид за убиство и за семејно насилство. Со психијатриско вештачење, судот утврдил дека овој прилепчанец бил пресметлив кога ги извршувал тешките кривични дела, а судот ги зел предвид отежнувачките околности за извршување на овие дела.
„Осуден е за четири кривични дела, а станува збор за најтежок вид кривични дела. Тука има кривично дело од областа на семејното насилство. Судот, при донесувањето на одлуката, согласно одредбите по член 39 од КЗ ги ценеше сите околности за донесувањето на пресудата. Посебно земени се отежнителните околности: видот и карактерот на кривичните дела за кои се товари обвинетиот, бројот на сторените кривични дела, начинот како се направени кривичните дела“, изјави Велески.
Тој вели дека ова е прва доживотна казна затвор што ја изрекува прилепскиот суд.
„Ова е прв пат од постоењето на прилепскиот Основен суд, прво како општински, а потоа со проширена надлежност, да биде изречена ваква ригорозна, највисока казна. Не е за пофалба, камо да не се случеше ваква семејна трагедија“, рече Велески.
