Пријателите се простуваат од Душко Чифлиганец: Кој беше младиот успешен бизнисмен и хуманитарец
Пријателите и јавни личности од синоќа се простуваат од Душко Чифлиганец, 32 годишниот бизнисмен, потпретседателот на „Адора Бизнис Групација“, кој трагично настрада во несреќа во Брно, Чешка.
Чифлиганец беше дипломиран економист, а освен потпретседател во семејниот бизнис, „Адора Бизнис Групација“, имаше и големи успеси во други полиња.
Заедно со неговата сестра Драгана, почнаа да го преземаат бизнисот на нивниот татко, Ванчо Чифлиганец. Беше и директор на „Адора Ливинг Солушнс“. Со неговиот пријател Иван Ивановски, лице од светот на инвестициите, а најпознат во пошироката јавност по „Support Kochani“, ја оформија „Адора Прајм Капитал“, првата инвестициска консултантска компанија од Македонија која доби акредитација од американската Комисија за хартии од вредност.
Преку „Адора“, Душко Чифлиганец направи и многу хуманитарни акции, а соработуваше и со Фондацијата на Новак Ѓоковиќ во Србија.
Чифлиганец ќе остане запаметен како бизнисмен посветен на промоција на македонската економија на меѓународно ниво, како и развој на бизнисите во кои имаше активно учество.
Пријателите го опишуваат човек со големо срце и визионер каков што ретко се среќава. Меѓу оние кои се простија од него се Иван Ивановски, Тамара Тодевска, Миа Костова, Игор Стефановски Иџе, како и бројни бизнисмени и политичари.
Фактор изразува сочувство до семејството на Чифлиганец.
