Економија, финансии, бизнис

Контакт

Пријателите на Шара: Прогласувањето на национален парк ќе ја зголеми заштитата на природата и ќе го развие туризмот

Пријателите на Шара: Прогласувањето на национален парк ќе ја зголеми заштитата на природата и ќе го развие туризмот

Македонија наскоро може да го добие четвртиот национален парк, откако на оваа листа по долги години на барања на еколошките организции треба да се најде и Шар Планина. Ова природно богатство низ изминатите години не добиваше соодветна заштита, шумата неконтролирано се сече на нелегален начин, а во прашање е доведена и самоодржливоста на пределот, наместо да се искористи големиот потенцијал. Со Фросина Пандурска-Драмиќанин од Македонска еколошко друштво, Јован Божиноски и Метин МуаремиодЦентар за едукација и развој кои се членови на граѓанската платформа „Пријателите на Шара“ разговаравме токму за предизвикот да се заштити планината, како да се воспостави идеален модел за развој на туризмот, и што ќе значи за локалното население и бизнисите воведувањето на национален парк.

Историјат: Иницијативата за прогласување на македонскиот дел на Шар Планина за национален парк датира од 1994 година во делот на соработката помеѓу Републичкиот Завод за заштита на природните реткости на Р. Македонија (правен претходник на Секторот за природа при МЖСПП), Скопје и  Заводот за заштита на природата на Србија, Белград. Според Васил Анастасовски, тогашен вршител на должноста директор на РЗЗПР во 1997 година, Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина го изготвил Предлогот за донесување на Закон за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк со Предлог-Закон.

Законот подоцна е усвоен од Владата на Република Македонија и доставен до Собранието за разгледување. Од 1999 до 2001 година пратениците во Собрание повеќе пати дискутираат на оваа тема но, никогаш не  е  изгласан законот. Најголем прогрес во однос  на процесот историски е направен со подготовката на Студија за валоризација на природните вредности на Шар Планина (која се изработуваше во периодот од 2017-2019 година) и конечно повторно прифаќање на иницијативата од Владата за отпочнување на нова фаза во постапката за прогласување на дел од Шар Планина за национален парк.

Фактор:Со децении постоеја иницијативи за прогласување на Шар Планина за национален парк и бројни обвинувања за запоставување на пределот. Сега конечно донесена е одлука од страна на Владата. Кои се следните чекори во процедурата за ова природно богатство?

Фросина Пандурска-Драмиќанин: Македонско еколошко друштво, а подоцна и Пријателите на Шара преку своите активности последните 15 години ја одржуваат жива оваа иницијатива на теренот и добиваат голема поддршка од локалното население.

По оваа одлука на Владата на Република Северна Македонија, се очекува организирање на јавна распарава по предлогот за прогласување на Шар Планина за национален парк од страна на МЖСПП, изработка на предлог закон за идното заштитено подрачје, прибирање на коментари од институции на предлог законот и конечно насочување на постапката од Влада кон Собраниска процедура односно гласање на Законот за прогласување на Шар Планина за национален парк.

Фактор:Кои се конкретните барања на активистите за заштита на животната средина. Вие сте локална организација која најдобро ги знае условите на Шара, па што според вас е неопходно да се преземе?

Фросина Пандурска-Драмиќанин: Сметаме дека во моментов постои позитивна атмосфера кај локалното население, локалните власти и надлежните државни институции за целосно спроведување на постапката и во периодот што следи ќе треба интензивно да се работи во поглед на транспарентно пренесување на информации до сите засегнати страни во однос на тоа што значи самото воспоставување на национален парк. На луѓето на Шара, одговорните институции ќе треба да им објаснат, кои се границите на идниот парк и како беа дефинирани? Што може да се прави во секоја од зоните во паркот? Кој ќе управува со подрачјето? Што ќе бидат дозволени, а што забранети активности? Ние како платформа Пријатели на Шара остануваме посветени на процесот но за повеќе од овие прашања чекаме конечни одлуки од одговорните институции а исто така сметаме и дека во овој период за многу од нив ќе треба да се водат отворени меѓусекторски дискусии и јавни трибини и расправи.

Фактор:Што ќе значи прогласувањето на национален парк за локалното население, но и бизнисите кои функционираат на подрачјето на Шар Планина, какви ограничувања ќе се наметнат, кои услови ќе треба да се почитуваат?

Фросина Пандурска-Драмиќанин: Во моментов е рано да се зборува за ограничувањата во паркот, бидејќи сите овие прашања ќе бидат предмет на одлука и консензус од страна на повеќе одговорни министерства и институции/јавни установи во земјава. Ние како невладини организации што подолго работиме на терен и во регионот, можеме да укажеме на важноста Шар Планина да се приклучи во семејството на заштитени подрачја во регионот, особено од аспект што во Косово имаме веќе национален парк којшто фунционира од  1986 година а во Албанија постои парк на природа Кораб-Коритник прогласен во 2013 година. Во моментот кога ќе стане Шар Планина национален парк, ќе се отворат голем број можности не само за заштита на природа, туку и за развој на локални дејности како туризмот и други одржливи традиционални практики, коишто ќе нудат и регионални туристички пакети во едно од најголемите прекугранични заштитени подрачја во Југоисточна Европа.

Фактор:Каков вид на развој на туризам е потребно да се создаде на Шара, а притоа да се создадат економски услови за бизнисот и жителите, но истовремено да се сочува природната средина?

Јован Божиноски: Авантуристичкиот туризам е она што на Шара како заштитено подрачје ќе и донесе економски бенефит и директна вклученост на локалното население. Целта на формите/активностите кои се случуваат во авантуристичкиот туризам е всушност недопрената природа и најзинта автентичност. Овој вид на туризам, во зависност и од формите кои ќе се развиваат во рамките на истиот, е решението за заштита на екосистемите и иден локален економски развој базиран на принципите на одржлив развој.

Фактор:Постојат ли проблеми со дива сеча на дрва на планината, постои ли еколошки криминал и како истиот досега се третира на ова подрачје, но и како да се спречи во иднина?

Метин Муареми: Сведоци сме на илегална сеча на Шар Планина со години и често пати локалното население ни се обраќа нам за реакции по оваа тема, испраќајќи ни слики и видеа од терен. Се надеваме дека ренџерските служби на идниот национален парк ќе имаат поголема ефикасност во спречување на нелегалните активности, но и самото присуство на телото за управување (јавна установа) ќе овозможи соодветно управување со прироните ресурси базирано на еден модерен план за управување кој се очекува да биде донесен уште во првата година од прогласувањето на паркот. 

Х.С. 

Слично

Поврзани вести