Пријателите на Охрид под УНЕСКО ќе ги „чешлаат“ сите штетни проекти во Собрание
Во Собранието на Република Македонија е формирана посебна пратеничка група наречена „Пријатели на Охрид под УНЕСКО“ која ќе се заложи за ревизија на сите проекти во Охрид предвидени од претходната Влада со потенцијална закана на езерото и животната средина кои се заштитени со УНЕСКО.
„Пред три и пол месеци, на иницијатива на невладини организации, во рамките на Собранието формиравме неформална пратеничка група составена од пет пратеници од различни политички партии, односно различни партиски провиниенции со цел да претставуваме еден глас на совеста во Собранието во однос на Охрид и охридското подрачје кое е под заштат на УНЕСКО. Така и ја нарековме таа неформална пратеничка група – Пријатели на Охрид под УНЕСКО. Наша цел и задача беше да лобираме, секој кај својата политичка партија, кај својата политичка групација, Собранието на Република Македонија да ги отвори вратите за граѓанските здруженија кои и тоа како водат грижа и сметка за нашето единствено подрачје под заштита на УНЕСКО, а тоа е охридското подрачје, визави реалните опасности кои се надвија над ова подрачје заради штетните инфраструктурни проекти во најава од страна на поранешната власт“, посочи пратеникот Тунтев.
