ПРИХОДИТЕ ИМ СЕ ЗГОЛЕМИЛЕ ЗА 25 ОТСТО – најголем трошок имаат за лицата кои остануваат без работа, еве како работела АВРСМ минатата година
Приходите во Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија во текот на минатата 2024 година се зголемиле, благодарение на растот на приходите од вработувањата, односно од растот на придонесите за вработени лица во земјава.
Паралелно со растот на приходите се зголемиле и расходите, но зголемувањето на приходите е многу повисоко отколку кај расходите.
- Вкупните приходи на АВРСМ во периодот јануари – декември 2024 година изнесуваат 6.967.025.145 денари. Во однос на истиот период од 2023 година бележат зголемување од 25,5 отсто или за 1.416.155.341 денари.
Во периодот јануари – декември 2024 година расходите на АВРСМ изнесуваат 3.265.996.880 денари. Во однос на истиот период од 2023 година, расходите бележат зголемување за 9,4 проценти, или за 280.122.296 денари – се потеницра во годишниот извештај на АВРСМ.
Во него е посочено дека во периодот јануари – декември 2024 година приходот од вработување, чија стапка е 1,2 отсто на бруто плата, изнесува 4.328.780.351 денари. Притоа овие средства се зголемиле за над 493 милиони денари. Другите приходи во АВРСМ се неданочни приходи, од осигурување на имот, од закупнини, или од камата за ненавремено плаќање придонеси за вработување.
Од претходната година пренесени се 2.564.995.220 денари во вкупните приходи или 36,82 проценти од вкупните приходи за ланската година.
Најголема ставка во трошоците на АВРСМ се средствата за обезбедување паричен надомест и други права за време на невработеност. Само за оваа ставка биле потрошени 2.917.290.021 денари.
Следна ставка со најголем уддел во трошоците на Агенцијата е ставката за плати.
- Во периодот јануари – декември 2024 година за основни плати, придонеси за социјално осигурување и данок на личен доход од плата е исплатено вкупно 249.507.934 денари и во однос на истиот период од 2023 година бележат зголемување од 8,9 отсто. Во структурата на вкупните расходи овие расходи учествуваат со 7,64 проценти. Во вкупните расходи учеството на основни плати е 5,1 отсто, а на придонесите и данокот на личен доход од плата е 2,54 проценти – се посочува во извештајот.
Грубите пресметки велат дека вработените во Агеницијата делат по неполни 800 евра, ако се има предвид дека согласно извештајот таму минатата година работеле 444 лица.
Сепак, имајќи ја предвид систематизацијата на работните места, јасно е дека дел од вработените имале повисоки, а друг дел пониски плати.
П.О.
