ПРИФАТЕНА ИНТЕРПЕЛАЦИЈАТА ЗА КОЦЕВСКИ: „За“ гласаа 71 пратеник
Со 71 глас „за“, пратениците ја поддржаа интерпелацијата за државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Интерпелацијата ја поднесоа пратениците од Левица, а по гласањето, беше донесен заклучок со кој се констатира дека наводите во интерпелацијата се основани.
„На Собранието му предлагам да го донесе следниот заклучок: Собранието констатира дека наводите во интерпелацијата се основани. Овој заклучок да се достави до Владата и до државниот јавен обвинител“, рече потпретседателката на Законодавниот дом, Весна Бендевска.
Пратениците од СДСМ кажаа дека интерпелацијата нема правни последици и посочија дека Обвинителството треба да биде независно. Тие ја напуштија салата и не учествуваа во гласањето.
Државниот обвинител Коцевски не присуствуваше на седницата.
