Економија, финансии, бизнис

Контакт

ПРИДОБИВКА ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ: Дел од зеленчуците гответе ги без да ги лупите

ПРИДОБИВКА ЗА ВАШЕТО ЗДРАВЈЕ: Дел од зеленчуците гответе ги без да ги лупите

Граѓаните го лупат дел од зеленчукот при готвење, што е погрешно и со тоа се лишуваат од витамини и други хранливи материи.

Тука пред сè се мисли на краставицата, модриот домат и тиквицата. Навиките можеме да ги менуваме во интерес на нашето здравје. Нутриционистот Емилија Спасовска Мојсовска вели дека кората на споменатите зеленчуци содржи многу влакна, витамини и антиоксиданти кои ни се потребни. Тие го јакнат имунитетот и помагаат за надминување на одредени здравствени проблеми.

„Тиквица: кората на тиквицата е богата со витамин Ц, калиум и антиоксиданти кои помагаат во зајакнување на имунолошкиот систем и подобрување на здравјето на срцето. Краставица: кората на краставицата содржи висок процент на влакна, кои се важни за добар дигестивен систем и редовност. Исто така, таа е извор на витамин K, кој е важен за здравјето на коските. Модар патлиџан: кората на модриот патлиџан содржи антоцијанини, кои се моќни антиоксиданти што помагаат во заштитата на клетките од оштетување и во борбата против воспаленија“, вели нутриционистот.

Таа објаснува дека овие намирници треба да ги готвиме без отстранување на кората.

„Придобивките од готвењето на зеленчуците без отстранување на кората се: повеќе хранливи материи, кората содржи многу витамини, минерали и антиоксиданти кои можат да се изгубат при лупењето. Подобар вкус и текстура: кората може да додаде дополнителен вкус и текстура на јадењето. Заштита при готвењето: кората може да ги заштити хранливите материи од уништување при термичка обработка. Повеќе влакна: влакната се важни за дигестијата и можат да помогнат во контролирање на тежината. Секако, важно е да се осигурите дека зеленчуците се добро измиени пред готвењето за да се отстранат евентуалните пестициди и нечистотии“, додава Спасовска Мојсовска.

Лекарите советуваат граѓаните во лето да внесуваат повеќе овошје и зеленчук, посебно во деновите со високи температури кога треба да се избегнува масна храна. Од овошјата, препорачливо е и јаболкото да се јаде без лупење. Во кората на јаболкото највеќе се наоѓа антоцијанин, биофлавоноид и антиоксиданс кој влијае на бојата на плодот, а кој е познат по тоа што штити од воспаление на ушите и оштетувања. Во кората може да се најде и флавониод кверцетин, исто така антиоксиданс кој помага кај проблемите со системот на дишење, односно ја подобрува работата на белите дробови.

Сања Атанасовска

foto freepik.com

Слично

Поврзани вести