ПРЕЖИВЕАНИТЕ ПАТНИЦИ СВЕДОЧЕА: Раскажаа што се случило кобниот ден кај Ласкарци
Сведоци денеска во судница раскажаа што се случило при автобуската несреќа кај Ласкарци во февруари годинава.
Илија Ристовски, една недела пред несреќата се вработил во Скопје и почнал секој ден да патува од Гостивар. Вели дека автобусите на „Дурмо Турс“ стигале побргу и затоа се возеле со нив.
„Автобусот возеше по средната лента на автопатот, пред да излета добив чувство дека треба да претекне некој, но место да се исправи нормално со возењето, тој продолжи. Од десна страна женски глас викна „што е работата мајсторе”. Толку слушнав. По реакциите од патниците не почувствував реакција од возачот, само продолжи во истиот правец преку банкините и почнаа врисоци, пискотници. Во автобусот се создаде хаос од моментот кога почнавме да излетуваме. Не знам ни дали се фокусирав на врисоците, туку на мене, како да реагирам. Пребрзо ми дојде сѐ, дури не знаев ни дали е реалност тоа што се случува. Од напуштање на лентата по која возеше до излетување, поминаа пет-шест секунди“– раскажа патникот.
По ударот во последната ограда, тој изгубил свест.
За да се запре крварењето кое го имал, бил во вештачка кома неколку дена, а три месеци бил врзан за кревет.28-годишна девојка од Гостивар рече дека 5 години, секој ден патувала со „Дурмо Турс“ и имало почести дефекти, околу 20-30 додека таа се возела.
Во случајот обвинети се шест лица. Сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорниот за транспорт во фирмата Ремзи Мифтари и возачот на автобусот Маноил Трифуновски се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека тројцата вработени во станицата за технички преглед Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски за соучество во истото дело.
Кај Ласкарци загинаа 16, а 37 луѓе беа повредени.
