ПРЕТСТАВНИЦИ НА ВЛАСТА ПОД ИСТРАГА ЗА КОРУПЦИЈА: ВМРО-ДПМНЕ обвинува за спрега меѓу СДСМ и обвинителството
Од Владата ја појаснија изјавата која денеска ја даде премиерот Зоран Заев за истраги за корупција во власта.
Станува збор за двајца високи претставници на власта.
„Доколку ние ги фокусираме нашите напори да ја искорениме корупцијата, овој чекор ќе биде силен ветер во грб за целото општество. Но, исто така, транспарентноста е многу важна. Ова го кажувам за прв пат, јас постојано ги охрабрувам граѓаните на нашето општество да пријавуваат потенцијални случаи на корупција, и како резултат на тоа во моментов се води истрага по овие дојави за двајца високи претставници на власта кои се на должност неколку месеци. Се разбира ова е само истрага, не можеме да откриваме повеќе детали. Со ова сакам да кажам дека законот мора да важи подеднакво за сите“ - изјави Заев на самитот „Македонија 2025 година“, а целата изјава е објавена на веб страната на Владата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со изјавата, Заев потврдил дека постои директна спрега меѓу СДСМ и јавното обвинителство кое се користело за механизам за дисциплинирање, закана и уцена.
„Имено, постапките во обвинителствата се тајни и во ниту еден случај премиерот не би требало нити би можело да знае што работат обвинителите кои се посебен државен орган, но со оваа изјава на премиерот се потврдува дека Заев во суштина е нарачател на работата на обвинителите, факт кој е скандалозен и тотално незаконски. Сега е јасно дека Заев освен што е инсталиран премиер, е и шеф и на државното и на специјалното обвинителство, со што се врши директно загрозување на функционирањето на правниот систем, и од тука не е воопшто чудно што на срамен начин се организираа, легитимираа и легализираа најкриминалните избори кои се случија во изминатиот месец“- стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие го повикуваат Заев јавно да ги објави имињата на осомничените.
