„Претседавачот“ Мирослав Шиповиќ и неговиот брат со обештетување од 40.000 евра за неоснован притвор
Мирослав Шиповиќ, поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, годинава е обештетен со 20.000 евра од Министерството за правда за долговремениот притвор за контроверзниот случај „Претседавач“ во кој тој беше обвинет за наводни злоупотреби во работењето и избегнување данок од 17 милиони денари како екс-раководител на „Машинопромет“.
На Шиповиќ од 2013 до 2014 му беше продолжуван притворот иако како гаранција беше понуден стан од 70.000 евра. Својот имот за Шиповиќ да може да се брани од слобода предложи и врвот на тогаш опозициската СДСМ, советници од Центар како и своевремениот градоначалник на оваа општина Андреј Жерновски. Сепак и ова не беше доволно за судот, кој го товареше дека додека бил на раководна функција проневерил милион евра. Тој беше приведен во Виена, додека се враќал од САД кон Македонија. Австриските власти го притворија по издадена потерница од македонските служби.
Надомест на штета од Министерството за правда во истиот период добил и неговиот брат Ненад Шиповиќ, кој е исплатен со слична сума. Тој исто така беше еден од осумтемина притворени во акцијата „Претседавач". Тогашната власт беше критикувана дека преку сценарио сака да го неутрализира мнозинството на опозицијата во Општина Центар откако беше најавено дека ќе се чешла проектот „Скопје 2014“. Тогашната опозиција во Центар победи по три прегласувања за време на локалните избори.
„Министерството за правда во текот на месец март им исплатило на Мирослав Шиповиќ и Ненад Шиповиќ од Скопје, врз основа на правосилна судска пресуда со која Министерството за правда било задолжено да им исплати на овие лица по основ на неосновано лишување од слобода - притвор, вкупен износ од 2.160.000 денари од кои на тужителот Мирослав Шиповиќ износ од 1.200.000 денари, а на тужителот Ненад Шиповиќ износ од 960.000 денари со соодветна законска казнена камата и трошоци на постапка“, се вели во потврдата што ја испрати министерството.
Исплатата на Мирослав Шиповиќ веројатно е најголемото обештетување по поднесено барање за надомест на штета за неосновано лишување од слобода-притвор а по основа на донесена правосилна судска пресуда. Вкупните суми, според статистиката која ни ја достави Министерството за правда, рапидно растат во 2018 и 2019 година, кога се многу повисоки во однос на претходните. Во 2018 година за 10 случаи исплатени се вкупно 4.794.469 денари, а во 2019 за 9 предмети исплатени се 4.884.869 денари на име надомест на штета со законска казнена камата и трошоци на парнична постапка.
Оваа година околу 1,2 милиони денари како надомест на штета добил и граѓанин кој не е резидент на Македонија, а името му останува анонимно. Извесен Борис Михајловски по истиот основ добил 800.000 денари, а меѓу обештетените е и Хисен Муслиу, поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој беше притворен во 2010 кога во неговиот дом полицијата ги најде во електронска форма предметите „Ибар“, „Мама“, „Вујко“ и „Стрелец“, наводно досиеја за високи функционери на ДУИ. Поранешниот разузнавач се бранеше дека целиот случај е политички монтиран. а сега е исплатен од Министерството за правда со 500.000 денари.
А.К.
