Претседателот кој се плашеше од странски мешања сега бара амбасадорите да го помират народот
Претседателот Иванов кој во екот на кризата посочи дека од странски центри доаѓа главниот извор на дестабилизација со црните сценарија сега на средба со амбасадорите на земјите членки на ЕУ смета дека токму тие можат да допринесат по изборите да се помогне процесот на национално помирување.
Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека Иванов изразил очекување дека веднаш по предвремените парламентарни избори, ЕУ и земјите членки на конкретен начин ќе помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и ќе помогнат во националното помирување, кое тој го смета за неопходно.
„На средбата, претседателот Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската Унија кон интеграцијата на Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и на недоверба“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.
