ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ВЕЌЕ ЗНАЕ КОЈ ЌЕ БИДЕ ИДЕН ГУВЕРНЕР, НО ИМЕТО СЀ УШТЕ НЕ СЕ ОТКРИВА - кој ќе раководи со монетарната власт во земјава
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се уште не го откри името на кандидатот што ќе го предложи за иден гувернер. Иако, како што нагласи, веќе знае кој ќе биде предлогот за прв човек на Народната банка.
- Не го кажувам прво името пред новинарите, се надевам дека не се лутите, но веќе мислам дека знам. Со право се создаде дебата и прашања, но сепак мислам дека е нешто што треба да се практикува за секоја функција – да седнете со сите кои се споменуваат и да разговарате. Да ги прашате што мислат за другите или што мисли дека тој ќе направи, а не е направено…Уште повеќе би сакала да има повеќе кандидати, но, тоа не е можно секогаш, изјави Сиљановска-Давкова.
Инаку, се најавуваше дека претседателката вчера ќе го достави предлогот до Собранието, но во текот на вчерашниот ден од нејзиниот Кабинет информираа дека таа ќе направи дополнителни анализи по што предлогот ќе го достави до Парламентот.
Како што пренесуваат дел од медиумите, како тројца најсериозни кандидати се споменуваат актуелната гувернерка Анита Ангеловска-Бежоска, професорот на Економскиот факултет Трајко Славески и поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески. А додека, пак, мандатот на актуелната гувернерка завршува утре.
