Претседателката Сиљановска-Давкова на литургија во Њу Џерси
Претседателката Сиљановска-Давкова, присуствуваше на литургија во црквата „Свети Никола“ во Њу Џерси, САД, по повод празникот Рождество на пресвета Богородица – Мала Богородица и најави дека ќе формира претседателско тело за комуникација со дијаспората.
„Не случајно сум тука денеска меѓу вас. Мислам дека вие сте нашите најдобри амбасадори. Вие во најубава светлина ја претставувате татковината без оглед на верата. Затоа мислам дека многу важно е да имаме постојани контакти. Еден од органите што јас набрзо ќе ги формирам со мојот тим е Советот за соработка со дијаспората“, најави претседателката.
За попладне по американско време е предвидено македонската делегација да го посети граѓанскиот центар „Дебар“ и џамијата во Њу Џерси. Во македонската делегација се и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Сиљановска-Давкова в четврток е предвидено да се обрати на Генералната дебата на 79. сесија на Генералното собрание на ОН, што се одржува на тема „Не оставајќи никого зад себе: дејствувајќи заедно за унапредување на мирот, одржливиот развој и човечкото достоинство за сегашните и идните генерации“.
