Претседателката на судскиот совет нема повеќе да ги остава обвинетите од „27 април“ да гладуваат
Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија започна со мониторинг на случајот за настаните во Собранието на РМ од 27.4.2017 година.
„Од отпочнување на судењето во месец август (20.08.2018) до сега сме мониторирале 7 (седум) рочишта. Мониторингот покажа прекршување на правата на притворените лица, посебно тие кои се во притвор во КПУ Затвор Скопје, а кои на првите две рочишта не добиле храна и вода цел ден.
Ова го истакнаа нивните бранители на рочиштето кое се одржа на 23.8.2018 година и му потенцираа на судот дека ова претставува нехуман третман на притворените лица, во согласност со членот 3 од Европската конвенција за човекови права и слободи.
Претседателката на советот го нотираше ова, одговори дека е запознаена со ова прекршување и дека веќе разговарала со надлежните во затворот да им даваат ланч-пакети и вода кога ги носат на судење“, се вели во месечниот извештај на Хелсиншкиот комитет.
Хелсиншкиот комитет го нотираше ова сериозно прекршување на правата на притворените лица и укажува дека судот е должен да го следи почитувањето на правата на притворените лица во текот на целата постапка и дека во случај на евидентни прекршувања, како во овој случај, должен е да ги преземе сите дејствија и мерки за заштита на правата на притворените лица.
Надлежните казнено-поправни установи се должни да обезбедат храна и вода за цело време додека лицата се наоѓаат во притвор и се лишени од слобода. Да се остави лице лишено од слобода и во притвор повеќе од 12 часа без храна и вода претставува повреда на членот 3 од Европската конвенција за човекови права, кое право исто така е загарантирано и со Уставот на Република Македонија, со Законот за кривична постапка и со Кривичниот законик на РМ.
Иако овој проблем е надминат, сепак, изостана каква било јавна реакција или соопштение од страна на Управата за извршување на санкции, која во согласност со закон требаше да го испита овој случај и одговорните соодветно да ги санкционира.
Други прекршувања на правата на обвинетите и на постапката не се нотирани, но Хелсиншкиот комитет исто така укажува на должината на траењето на секое рочиште, особено имајќи го предвид фактот што некои од мониторираните рочишта траеја и повеќе од 10 часа.
